fbpx
Агро бизнисВестиВкусот на традицијатаРурален туризамТоп вести

„Шумски фенери“ – царството на неодоливите десерти

Една од најпопуларните торти со која се поврзува приказната за руската балерина Ана Павлова, се подготвува токму во „Шумски фенери“

Во Потпелистерското село Трново во прегратките на планинскиот убавец Пелистер како гнездо е свиено најпривлечното место за уживање и вкусна храна хотел-ресторан „Шумски фенери“. Ова место не е обично место, туку простор исполнет со магија, што поттикнува убави моменти, љубов, насмевки, позитивни чувства и сè што е убаво во животот. „Шумски фенери“ е неверојатна приказна за успешен семеен бизнис на братот и сестрата, Коче и Љубица Мушуланови. Љубезноста, питомоста и пречекот од домаќините ја зачинуваат целата оваа приказна и ве тераат повторно и повторно да навраќате на ова место.

Овој мал семеен хотел се наоѓа на 900 метри надморска височина во шума, во подножјето на Националниот парк Пелистер. Хотелот опстојува од 1988 година и е на 4 км од градот Битола и 25 километри од грчката граница.

-Приказната за „Шумски фенери“ започнува пред точно 32 години, кога мојот татко си го оствари својот сон, да има сопствен ресторан во кој ќе биде самиот готвач. Тогаш ние бевме еден од ретките приватни бизниси во Битолско. Учевме за предизвиците на угостителството и туризмот воопшто. Со моите родители сакавме да ги зачуваме традиционалните јадења по кои сме познати, но и да направиме ново мени. Сакавме да направиме промени, а притоа да внимаваме на традицијата. Мајка ми се уште ги подготвува ребрата во фурна по рецепт на нејзината мајка, а моја баба. Така месото стои цела ноќ во маринада од масло и зачини, за кои нема да ви откријам повеќе, а потоа ги пече, ја раскажува Љубица приказната за вкусната и неодолива храна што ја нуди ресторанот. На менито од 1988 година се уште се подготвува селско месо, но за разлика од другите ресторани, тука се подготвува на скара со мали парчиња на свинско филе, печурки, црвена сува пиперка, кромид и зачини. А тука се готват и највкусните- телешки мускул во сос од вргањ, коленица во сос, потоа совршените рецепти за пица со црвени сушени пиперки, италијанска лазања…

-Тие се првите јадења на нашето мени кои не се променети и се најнарачувани до ден денешен. А ги имаме новите јадења на месо во сосови, она што го сакаат младите, сирење во фурна, вели Љубица и со возбуда споделува дека „Шумски фенери“ во исто време е местото со најубавите десерти во градот.

-За нас зборуваат дека сме местото каде што има најдобри десерти. Од ова лето на менито ја имаме „Павлова“ тоа е австралиски десерт што кај нас се  подготвува со два фила и многу шумско овошје, вели нашата домаќинка.

 

„Шумски фенери“ магнет за домашни и странски туристи

Не случајно ова магично место е подеднакво привлечно за домашните и за странските гости, кои годинава, за жал поради кризата ги откажаа резервациите.

-Сега во овие времиња е тешко да си угостител, но сме пребродиле ние и други тешки периоди претходно. Ја поминавме војната во 2001 година, но ќе кажам дека кризата оваа година е неспоредлива. Тешко е затоа што имаме поголем објект, поголеми трошоци. Но, знам дека кога ќе заврши кризата се ќе надминеме, зошто во последните 7 години успевме да одиме само напред. До пред кризата работевме со странски гости, Европејци и наши иселеници од Европа и Австралија, а годинава исклучиво работиме со гости од државата. Мора да споделам дека сум фасцинирана какви луѓе сме, добри, културни, никогаш не бараме ништо отповеќе од она што е. Од се сме задоволни и не се штедиме на зборови, вели Љубица.

Паралелно со угостителството Мушуланови работат и на промоција на зимскиот туризам на Пелистер со скијање на недопрени терени.

-Како вљубеници во сноубордингот, брат ми и мој сопруг дојдоа до идејата хобито да го споиме со бизнисот. Така на гостите им нудиме скијање на недопрени терени на Пелистер, а за тоа располагаме во неколку ратраци. Пелистер има фантастичен потенцијал за развој на белите спортови. И така се роди понудата Freeride-SF Freeride. Зимскиот адреналински туризам, вели Љубица во разговор за „Зелена берза“.

 

Анета Блажевска

 

                                                              ***

Една од најпопуларните торти со која се поврзува приказната за руската балерина Ана Павлова, се подготвува токму во „Шумски фенери“

Нежна, поетична и помалку нереална, токму како и балетската уметност – вака критичарите ширум светот ја опишуваат оваа торта, а Љубица вели дека „Павлова“ со два крем филови можете да ја вкусите единствено во нејзиниот ресторан.

 

Потребни состојки:

– 3 белки

– 150 гр. шеќер

– 2 кафени лажички пченкарно брашно

– 1 кафена лажичка бел вински оцет

– ½ лажичка екстракт од ванила

– 200 мл. слатка павлака

– 300 гр. свежи јагоди

Подготовка:

  1. Загрејте ја рерната на 150 степени. На тавчето ставете хартија за печење, на која со помош на чинија со средна големина ќе нацртате круг. Таа ќе Ви послужи како подлога за смесата од белки. Површината означена со кругот намачкајте ја со масло.
  2. Во сад измешајте ¾ од шеќерот и пченкарното брашно додека не добиете хомогена смеса.
  3. Во друг сад матете ги трите белки околу 2-3 минути (јајцата претходно треба да стојат на собна температура). Потоа во три наврати додавајте од преостанатата количина на шеќер, со тоа што по секое додавање матете сѐ додека не се растопи шеќерот.
  4. Во смесата додадете го екстрактот од ванила и винскиот оцет и повторно матете додека не добиете компактна емулзија.
  5. Распоредете ја смесата во внатрешноста на нацртаниот круг служејќи се со лажица или со шпатула. Направете блага вдлабнатина на средината.
  6. Температурата намалете ја на 140 степени и печете околу 1 час. Потоа, отворете ја рерната до пола и оставете ја така уште 10-15 минути. Откако ќе отстои во подотворена рерна, извадете ја и оставете ја да се излади.
  7. Додека кората се лади, подгответе ја слатката павлака и потоа намачкајте ја одозгора, а врз неа наредете ги јагодите, кои по желба може да бидат сечкани или цели. За освежителен вкус, украсете со неколку ливчиња свежо нане.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close