Сигурноста на храната и трансформацијата на земјоделско-прехранбените системи
Регионална конференција на ФАО во Полска
Сигурноста на храната и трансформацијата на земјоделско-прехранбените системи ќе бидат клучна тема на 33. сесија на Регионалната конференција на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) за Европа што ќе се одржи од 10 до 13 мај во Полска.
На конференцијата која е највисокото раководно тело на ФАО во Европа и Централна Азија, ќе учествуваат околу 50 земји.
Земјите-учеснички ќе разговараат и за порастот на глобалните цени на храната, но ќе разменат и пристапи за одржливост на земјоделско-прехранбените системи.
-Состанокот доаѓа во време на долготрајна криза, предизвикана од пандемијата со КОВИД-19, а во меѓувреме, конфликтот во Украина влијае на производството и трговијата со основни земјоделски производи и ги загрозува животите и егзистенцијата на милиони жители на Европа, Централна Азија и пошироко, информира Канцеларијата на ФАО во Скопје.
Настанот ќе биде во хибриден формат. Ќе се одржува со физичко присуство во градот Лоѓ, Полска, но и онлајн.
Министрите за земјоделство и други владини претставници од Европа и Централна Азија на конференцијата ќе бидат придружени од претставници на граѓанскиот сектор, приватниот сектор, развојни партнери и набљудувачи.