fbpx
ВестиМакедонијаРурален туризамРурална ЖенаТоп вести

Силни жени го крепат земјоделието

Само силни жени може да одат напред, да го сочуваат своето достоинство и да нижат успеси. Виолета Андрееска е една од ретките, која одбила да работи државна работа и се посветила на земјоделието.

Виолета Андрееска, земјоделка од селото Барешани, Битолско, 27 години професионално се занимава со земјоделие. Родум е од село Велушина, завршила средно економско училиште, но економијата ја заменила со земјоделие. Не сакала нејзиниот труд да биде обезвреднет и одлучила да го работи она што ќе биде најдобро за неа и нејзината фамилија.

Една поговорка вели: „Ако сакаш да знаеш дали некој е домаќин, види го неговиот двор“. Во прекрасно уредениот двор во Барешани нè пречека ведра и насмеана жена. Kако што ѝ доликува на една домаќинка чувар на традицијата, ни посака добредојде.

-Кога го завршив училиштето ми беше понудено да работам во еден од судовите во Битола. Кој би пропуштил таква прилика? Ја одбив понудата, бидејќи требаше  шест месеци да работам без пари. Одлучив да се вратам на земјоделието и да го работам она што јас го сакам, ја почна својата приказна Виолета.

-Јас сум регистриран индивидуален земјоделец, заедно со мојот сопруг си обезбедуваме плати, сами сме газди, свои на своето. Порано можеше повеќе да се заработи од земјоделие. Сè што створивме е од земјоделието и продолжуваме и понатаму, раскажува нашата соговорничка.

Во ниту еден момент не зажалила за тоа што го направила. Работата ја исполнува и сè прави со љубов. Особено се радува кога има готов квалитетен производ кој може да го пласира на пазарот. На почетокот, заработените пари  ги вложувале во земја за да може да произведуваат повеќе и различни култури.

-Одгледуваме 4 декари јагоди, 1 хектар круши и јаболка, 3 хектари пченка, лешници…14 декари пипер, сè што може да се одгледува на ова поднебје. Од пиперот правам буковска пипер и црвена пипер за манџа. Производите најчесто ги пласирам на пазарот во Струга. Моите производи се продаваат и во повеќе маркети во Струга и Дебар. Квалитетот беше пресуден за да се задржам на тој пазар. Соработниците се презадоволни од она што им го нудиме и повторно се враќаат кај нас, вели таа.

Јаготката најтешка за работа, ама најисплатлива

Од сите култури што ги одгледува вели дека најмногу се исплаќа трудот кај јаготката, но оваа сезона врнежите го забавуваат нејзиниот развој, што ќе се одрази на приносот.

-Овие две години временските  услови си го прават своето. Минатата  година немавме некоја добивка, но продолжуваме  понатаму и се надеваме дека ќе биде сè во ред. Моментално ја одгледуваме сортата Алба која е карактеристична за ова поднебје. Препознатлива е по својот специфичен мирис и вкус кој потрошувачите го обожаваат. Во споредба со другите сорти е најиздржлива и доходовна. Имаме пробано и други сорти да одгледуваме, но не успеваат. На нашето поднебје за оваа сорта не е потребно многу прскање но, оваа година условите не се многу добри има врнежи што предизвикуваат скапување кај јаготките, со што се намалува приносот, објаснува Виолета.

Сите операции кај јаготките се извршуваат рачно, вели нашата земјоделка, која  најчесто работи сама.

-Одгледувањето на расадот и пресадувањето воопшто не е едноставно. Мора да се помини чистењето на „копилците“ (израстоци) на  коренот на јаготката оти ако останат, му ја земаат силата на старата  јаготка и не може да напредува. Мора да се пресадува секоја втора година за да има принос како што треба. Произведуваме 7-8 тони јагоди, зависи од годината имаме произведено и повеќе од ова. Кога е сезона на берба имаме потреба од работници. Тешко се наоѓаат и бараат 150 денари од час. Сама носам гајби по нивите за да не губам време кога ќе дојдат работниците. И минутата е многу важна во тие денови кога е екот на бербата, посочува Виолета.

Дел од активностите со јаготката се во исто време со пиперот, па како што вели Виолета пиперот машински го сади, и  вниманието повеќе го насочува на јаготките. Олеснителна околност е што има побарувачка за јаготки, па доаѓаат купувачи од нива да ги земат.

Ништо нема со лесно во животот, вели Виолета и раскажува дека синот и ќерката додека биле мали повеќе и помагале по нивите, но сега заради нивните обврски со студиите не се во можност. Тие имаат други соништа кои не се поврзани со земјоделието, за што Виолета ги поддржува.

-Не ја сакаат оваа работа оти е многу тешка и не сакаат да ја наследат. Годините уште ми дозволуваат да  работам и да  направам сè што се бара од мене. Досега успевам, ама како што поминуваат годините е сè потешко, дури можам ќе работам, а децата нека си одат по нивниот пат, рече Виолета.

Поезија за оддишка од земјоделските работи

Денот за неа е кус. Низ разговорот се потсети на деновите кога била менаџер за „Цептер“ и како стигнувала да оди и на нива и на презентации на производите. Воопшто не и било лесно, но душата ѝ била полна. Тогаш кога ќе ја надвиснеле емоциите од тежината на работата оддишка наоѓала во читање книги и пишување поезија. За сега поезијата е само за нејзина душа.

Виолета вели дека ќе продолжи да се занимава со земјоделие и да се развива. Желбите ѝ се поврзани со дополнителни инвестиции и  обновување на механизацијата со која што располага. Се обидела да аплицира на дел од програмите што ги нуди државата, но засега безуспешно. Тоа не ја обесхрабрува.

Накрај освен со домаќински разговор Виолета нè почести со кафе и благо и не покани повторно да ја посетиме.

Павлина Јовановска

Содржините на оваа веб-страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија

Слични написи

Back to top button
Close