Силните врнежи од дожд предизвикаа поплави во Виница, Неготино, Пелагонија, Тетово…
Градоначалникот на општина Долнени, на која и припаѓа селото Лажани, Урим Ибески изјави дека нема повредени, но има евакуирани жители.
Синоќа невремето кое го зафати Македонија предизвика поплави во Прилеп, Битола, Виница, Неготино, Тетово… Во прилепското село Лажани вчера вечер биле поплавени 50 куќи, а дел од населението било евакуирано по обилните дождови.
Градоначалникот на општина Долнени, на која и припаѓа селото Лажани, Урим Ибески изјави дека нема повредени, но има евакуирани жители. „Причина е излевањето на реката, која поради невремето, како и несовесното градење и отпадот, поплави голем број куќи“, рече Ибески.
Покрај Лажани во општина Долнени, поплавени биле уште неколку села, а Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека водата во околината почнала да се повлекува. Во Долнени струјата била превентивно исклучена за заштита на луѓето и мрежата. Има поплавени куќи и во Кривогаштани.
Во Неготино се регистрирани оштетени кровови и поплавени домови. Силен дожд врнеше и во Битола и Крушево. Поради паднато дрво вчера неколку часа во прекин беше и сообраќајот во двата правци на патот Битола – ГП Меџитлија.
Невремето во Виница поплави 30 до 40 објекти. Во Виница наврна најмногу дожд на метар квадратен – 55 литри.
И во Тетово по обилните синоќешни врнежи од дожд има има поплавени подруми, гаражи и куќи, а се излеа и канализација од неколку шахти.