fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Симеон Стојковски-човекот кој со свои раце направи светилиште на врв на Бушова Планина

НАША СТОРИЈА-„Господе чувај ја Македонија од нејзините душмани“

Светилиште со крстови поставени на месноста Козјак на 1700 мнв на Бушова Планина прераснува во вистинска атракција за љубителите на планината на височините, се дело на 78 годишниот Симеон Стојковски родум од селото Пуста Река, Крушевско, а живее со Скопје.

Симеон не изработи и постави само обични христијански крстови, туку со свои раце изгради еден споменик, светилиште, нешто необично, а толку величествено што со секој поглед предизвикува воодушевување и почитување. Во локацијата се поставени крстови на постамент од камења и цемент. Погледот е неверојатен и допира до сите околни планини и врвови, а дава убава слика и од историската месност „Слива“ од каде илинденските востаници ја бранеа Крушевска Република, како и до манастирот „Свето Преображение“, омиленото место на Тоше Проески.

Стојковски е пензиониран занаетчија, машино-бравар и покрај тоа што го навјасале години, тој е исклучително подвижен и голем вљубеник во природата. Во 2016 година, пред себе си дал задача на врвот Козјак на Бушава Планина да изгради своевидно светилиште. Така за период од три години до 2019, поставил два метални крстови, а околу него направил необично интересен амбиент со камења и цемент.

-Роден сум во Пуста Река, револуционерно село, сакав да направам нешто што ќе остане за идните генерации. Имав предизвик на врвот Козјак на надморска височина од 1700 метри да направам едно свето место. Тоа го правев со голема желба. Направив своевидно светилиште, место што предизвикува чувство на длабока почит. Ако ме прашате како го направив сето ова на мои години ќе ви кажам дека, ќе ми беше тешко. Ако некој би ме терал, ако ме присилувал не би го ни направил. Ама, јас тоа го правев со задоволство, имав силна волја да го направам ова свето место, а кога човек работи со задоволство тој не чувствува замор, раскажува за „Зелена берза“ Стојковски.

Поголемиот крст е со висина од 1,3 метри, тежок 26 килограми, и како што вели Симеон на рамена го носел.

Раскажува дека металниот крст три пати го преправал се додека не ја постигне посакуваната големина, а тоа значи дека целиот тој товар го носел искачувајќи се на голема стрмина од селото се до врвот.

Вкупно постаментот зафаќа површина од 4 метри висина и исто толку ширина, а во неговата композиција е вградена и плоча со натпис -„Господе чувај ја Македонија од нејзините душманите“.

-Главниот крст три пати го преправав зошто се ми се гледаше дека е мал, Од оние материјали кои останаа го направив и вториот крст, зошто не сакав да го фрлам веќе направеното. Носевме камења од околината, некои беа многу големи, ги влечевме со јажиња, некои ги тркалавме, прибиравме материјал. Однесовме десет вреќи цемент, дваесет вреќи песок, толку ставив во материјалот да го уредам местото, да биде поцврста градбата. Барав луѓе со коњи да го однесат материјалот, ама никој не се нафаќаше зошто голема е стрмнината. Првата година при изградбата не бев сам ми помогна и мој братучед, така добивме објект од 4 на 4 метри, вели Стојковски.

Нашиот градител вели дека сега кога ќе искачи на врвот, до светилиштето неговата душа е целосно исполнета.

-Не може со збор да го опишам тоа чувство. Местото е осветено пред две години, па најпрво ќе си направам една молитва пред крстот, ќе се помолам пред Бога што ми дава сила да се искачам таму горе, да работам и да создавам, вели Симеон.

Патот од Пуста Река до Крстот Симеон го засадил со канадски бор

Она што исто така воодушевува е што нашиот Симеон од селото Пуста Река кое е на надморска височина од 1100 метри, па се до врвот Козјак, по патеката која води до кртовите насадил канадски бор, за што му биле потребни над 200 садници.

-Патот го обележав со борови се до светлиштето. Сам ги засадив и направив борова патека. Сега за три години тие веќе пораснале 3 до 4 метри,

Во Пуста Река се е пусто

Селото Пуста Река е место полно со историја. Тоа е оддалечено само 13 километри од Крушево и сега таму живеат само околу триесеттина жители, најголем дел старци и стари беќари. Училиштето одамна е затворено, пред околу 3 децении, а веќе десеттина години е затворена и амбулантата.

-Во селото останаа околу триесеттина пензионери, и јас во летните месеци таму ги минувам деновите. Селото е оставено на забот на времето, вели Симеон.

После 45 години се реконструира патот за Пуста Река

Децении наназад жителите на Пуста Река беа незадоволни затоа што патот до градот беше целосно руиниран, раскопан, па вистинска авантура беше да се тргне со лесно патничко возило во овој правец.

Пред неколку месеци Општина Крушево започна со реконструкција на регионалниот пат Крушево – Слива – село Пуста Река кој општина Крушево го имплементира со Јавното претпријатие за државни патишта.

Овој пат е едно од поголемите барања на крушевчани и жителите на населените места Пуста Река и Дивјаци, а воедно се реконструира и дел од патот кој води до манастирот „Св. Преображение“ кој не беше опфатен при изградбата на патот до манастирот, информираат од Општина Крушево.

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close