fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Синап на полето во Врсаково, обезбеден пласман и добра цена

Наќе Наков е земјоделец  кој сака да експериментира со нови култури. По  вокација е економист, но со земјоделие  се занимава повеќе од 30 години. 

 

 Синап се посеа на  20 хектари  во Штипско. Земјоделецот  Наќе Наков го посеа  пролетва во атарот на селото Врсаково и е единствениот во Штипско-карбинскиот  крај. Во јули ја очекува првата жетва.

-Посеав бел синап најмногу поради плодоред, бидејќи сум органски производител и во производството не користам вештачки ѓубрива. Применив есенско орање, а пролетва извршив заорување со кримлер.  Семето го набавив од  органски производител од село Тополница, Радовишко, кој одгледувал синап минатата година.  Синапот го посеав во оптималниот рок до 10 април, употребив 30 килограми на  единица хектар и сега има раст од  15 сантиметри. Цути во јуни со жолти цветови, а се жнее кон крајот на  јули и очекувам  приноси од 500 до 1.000 килограми од хектар. Синапот е нешто ново и за мене, но ќе видиме,  вели Наков  кој е оптимист  дека нема да биде попусто вложениот  труд.

-Килограм синап на пазарот се продава по едно евро. Пласман има, родот ќе има кој да го откупи, дециден е нашиот земјоделец.

Новите култури испробани на опитни полиња

Наков е земјоделец  кој сака да експериментира со  нови култури.  По  вокација е економист, но со земјоделие  се занимава повеќе од 30 години.  Сака предизвици, упорен е во  намерата да ги  оствари  плановите пред се  кога станува збор за неговите опитни полиња  на кои низ годините испробал многу култури. Тој е насочен  кон модерно земјоделско стопанство и со она што го прави е чекор пред останатите земјоделци во регионот. Пред  десет години  посадил маслодајна репка, лани хељда, а имал и граор и просо. Резултатите од експериментите на опитни полиња секогаш не биле охрабрувачки, но како што вели тоа го поттикнале  да  продолжи со откривање на нови култури, помалку познати за нас, или одамна заборавени.

-Хељдата  не даде принос, иако никна и дојде до фаза на цутење, но не  успеавме да дојдеме до жнеење, бидејќи  оваа култура не може да вирее тука  и  бара надморска висина од 600 до 700 метри, во што се уверив.  Веќе трета година, садам овчеполски лук  кој е многу подобар од увозниот.  Задоволен сум, лукот не  бара многу работа, машински се сади и бери, а и цената е добра, плаќаат 200 денари за килограм. Не е важно колку си вложил  и колку си изгубил, важно е да го скротиш тој немир во душата.  Да посеам – да не посеам, ќе биде – нема да биде. Полето е плодно, има  и  вода и  може да се  проба со секоја култура, објаснува Наков.

Овој земјоделец произведува и квалитетен  јачмен. Го сее на 100 хектари, а  приносите се повеќе од  5 тони по хектар што е над просекот во родна година. Според  него тоа се должи на  сеидбата во оптималните рокови  и сеидбата под плуг  која со години ја практикува. На овој начин посеаниот јачмен е  поотпорен на суша кога нема мајски дождови.

Сточарството предизвик за Наков

Следниот предизвик  за нашиот земјоделец   веројатно ќе биде сточарството. Тој веќе чува стадо овци од расата лакон, одгледува по 20 грла  на  романовска овца  и овчеполки. Вели, ќе експериментира на систем овца-јагне.  Додава  дека  овие раси даваат по најмалку две јагниња и два пати се објагнуваат во една  година.

Наќе пред  10 години, во Врсаково решил да одгледува стадо биволи, по 8 години чување ги продал Се  пожали дека надлежните  немаат  слух  да го поттикнат овој  вид на сточарење. Идејата му била да ги врати во руралните средини пред се  поради неизмерната сила која ја поседуваат и квалитетното млеко.

 

Тој чува и десет  кози, живина, но одгледува  и  виетнамски свињи, а во дворот пред  семејната  куќа во  Врсаково слободно се движат и прасенца-мелези  меѓу  домашна и дива свиња. Има извадено  најмалку 100 прасиња  во последниве 4  години.

Јулија Малинова

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close