Сиромаштијата ги брка земјоделците од нивите
„Не мораме да се враќаме до 1992 година. Еве да направиме споредба со минатата година. Од лани до сега трошоците за производство се дупло зголемени, нафта, струја, работна рака. А цената на продажбата последните 10 години е иста.
Најновата анализа на Националната федерација на фармери покажува дека сиромаштијата во земјава бележи зголемување во последните пет години. Таа е поизразена во селските средини, а животот на земјоделците станува се потежок, се жалат тие
Земјоделството е единствениот извор на егзистенција за Фросина Георгиевска и нејзиното семејство. Таа живее во Ресен, градот во кој 90 проценти од жителите заработуваат за живот од бизнисот со јаболка. Покрај јаболко, таа одгледува и сливи, круши и цреши. Месец и половина пред да започне бербата на познатите ресенски јаболка Георгиевска нема големи очекувања од годинашната заработка. Во овој бизнис е од 1992 година, но вели дека од година во година животот на земјоделците станува потежок.
„Не мораме да се враќаме до 1992 година. Еве да направиме споредба со минатата година. Од лани до сега трошоците за производство се дупло зголемени, нафта, струја, работна рака. А цената на продажбата последните 10 години е иста. Од оној период кога ги воведоа субвенциите, ние всушност не продаваме јаболка, ние ги даваме. Не можеме да ги покриеме основните трошоци, а не пак да зборувам за некои вложувања или осовременување на производството“, вели Георгиевска.
Проблем на кој укажува Георгиевска е нелојалната конкуренција во земјоделството. Ние, вели таа немаме аграрна политика која ќе ги заштити вистинските земјоделци кои навистина егзистираат од тоа.
„Мерките, грантовите, поддршката е достапна за сите евидентирани, а не регистрирани земјоделци. Тие што работат во државните институции се двапати субвенционирани од државата, еднаш преку платата која ја добиваат, а втор пат преку субвенциите во земјоделството. За жал, политиката во земјоделството кај нас е популистичка, односно земјоделците ги гледаат како гласачи,“ вели Георгиевска.
Дека животот на земјоделците станува сè потежок, се согласува и Петар Стојковски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
„За жал денеска немаме доволно работна сила. Во државата како да е понижување да кажете дека сте земјоделец, дека сте сточар. И време е да се смени таа политика. Тврдам дека секој помлад земјоделец нема да замине од Македонија, доколку има добри услови за работа тука,“ вели Стојковски.
Иако од Министерството за земјоделство нудат грантови од 10 до 20 000 евра за поддршка на млади земјоделци, Георгиевска вели дека недостигот на млада работна рака е сè поизразен во земјоделството, па така на пример, кога е сезона на берба, им помагаат работници од соседна Албанија.
Од друга страна, пак, од МЗШВ велат дека нивните мерки даваат ефекти и се повеќе млади лица активно се вклучуваат во земјоделскиот сектор. Изминативе пет години повеќе од 1000 млади лица аплицирале и ги искористиле мерките за поддршка на млад земјоделец.
„Големиот интерес кај младите беше мотив како министерство да предложиме законски измени на законот за земјоделство и рурален развој со кој овозможуваме услови за започнување со авансна исплата на финасиската поддршка за млад земјоделец. Па така со оваа измена младите земјоделци ќе можат авасно да добијат 40% од вкупната вредност на грантот за поддршка за млад земјоделец“, соопштуваат од ресорното министерство.
НФФ: Земјоделството не претставува доволен приход за домаќинствата
Последната анализа на Националната федерација на фармери покажува дека сиромаштијата во земјава бележи зголемување во последните пет години и дека таа ситуација нема да се подобри во блиска иднина. Истражувањето на Федерацијата покажало дека земјоделството не претставува доволен приход за домаќинствата, а значителен дел од испитаниците сметаат дека се на работ на егзистенција.
Претседателката на Националната федерација на фармери Васка Мојсовска вели дека земјоделките и земјоделците во Северна Македонија се соочуваат со голем број на предизвици кои посебно се одразуваат со негативни импликации на жените и младите од руралните средини, а тоа се: социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита, јавни и социјални услуги.
„Ваквите услови ги принудуваат руралните жени и млади на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Оваа анализа покажува едни фрапантни податоци и доколку не се преземат поголеми чекори за справување со сиромаштијата се повеќе ќе го губиме нашето население во руралните средини. Најосновно е да се реши проблемот со пласманот на земјоделските производи. За жал земјоделците се уште за своите производи имаат пониски откупни цени од производните, а особено оваа година кога драстично се покачија сите репроматеријали, ѓубрива, нафта, работната рака, заштитните средства итн“, вели Мојсовска.
Мојсовска укажува дека климатските промени се сериозен проблем за земјоделците.Храната станува многу значаен ресурс во целиот свет и доаѓа време кога ќе треба да се вреднува и развива земјоделскиот труд.
„Тука би сакала да упатам еден апел дека е потребна поголема ангажираност на цела држава во насока на обезбедувањето на храна, вреднување на трудот на земјоделците и руралното население, бидејќи тие се основните ресурси за да се справиме со предизвиците кои не очекуваат и да се бориме против зголемувањето на сиромаштијата”, потенцира Мојсовска.https://www.slobodnaevropa.mk/