Сите земјоделци кои претходно имаат добиено дозволи за движење со назнака „трајни“, истите продолжуваат да важат и во претстојниот продолжен викенд
Земјоделците коишто имаат работни обврски на своите земјоделски површини на фармите, а кои се наоѓаат во атарот (место на живеење) на селото во коешто живеат, можат да се движат за време на забраната за движење, исклучиво заради извршување на работните активности без да вадат дозволи за движење.
Согласно воведената целосна забрана за движењето на сите граѓани во Скопје (сите скопски општини), Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, почнувајќи од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот, и во сите останати градови во државата, кадешто истотака има забарана за движење, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги известува сите земјоделци дека, движењето ќе биде регулирано на ист начин како по претходно утврдените правила.
Земјоделците коишто имаат работни обврски на своите земјоделски површини на фармите, а кои се наоѓаат во атарот (место на живеење) на селото во коешто живеат, можат да се движат за време на забраната за движење, исклучиво заради извршување на работните активности без да вадат дозволи за движење.
Земјоделците чиишто земјоделски површини или фарми се наоѓаат надвор од селото/градот каде што живеат и треба да патуваат од едно во друго село, да сообраќаат по регионален пат, а имаат работни обврски поврзани со производството, потребно е да имаат дозволи за движење и да ги носат со себе. Во тој конеткст, сите претходно издадени дозволи за движење за време на забрана за движење, кои имаат назнака „трајни“, продолжуваат да важат и во овие денови од 4ти до 8ми јуни.
Земјоделците кои не се евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС), а кои имаат потреба за извршување на земјоделски активности, треба телефонски да ги известат Општинските кризни штабови во местото на живеење, каде ќе ја најават потребата од дневна земјоделска активност. Напоменуваме дека Општинските кризни штабови нема да издаваат дозволи за движење, туку само ќе ги евидентираат земјоделците кои го пријавиле своето барање за непречено движење поради извршување земјоделски активности, а потоа списокот на лица ќе биде доставен до надлежните полициски организациски единици (Одделение, Станица, ОВР, СВР).
Ги повикуваме земјоделците да ги почитуваат новите препораки на Владата и движењето да го користат исклучиво за работни обврски, со цел заеднички да придонесме во справувањето сo коронавирусот во нашата држава.