fbpx
ВестиТоп вести

Скапата нафта ги загрижува земјоделците

Постојаниот раст на цената на нафтата значително се одразува и врз работата на земјоделците, кои нестрпливо ја чекаат владината поддршка позната како зелена нафта. Последното поскапување на нафтата уште повеќе ќе ги зголеми и онака високите производствени трошоци, поради што земјоделците апелираат што поскоро да ја добијат најавената субвенционирана нафта. Според надлежните, завршени се сите проверки, утврдена е методологијата за доделување, а во тек е подготовка на документацијата за објавување тендер.

– Во завршна фаза е тендерската документација за доделување на зелената нафта за земјоделците – велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Сепак, земјоделците се загрижени и стравуваат дека истата таа ќе стигне предоцна до нив и истакнуваат дека одамна веќе требало да ја имаат, за со неа да ги завршат пролетните сеидби, кои се во полн ек.

– Нека кажат конечно веќе министерот и другите задолжени од министерството кога земјоделците ќе ја добијат зелената нафта. Вака веќе е непотребно да се зборува што било на оваа тема. Досега требаше да ја добиеме поевтината нафта за да ја искористиме за пролетната сеидба. Навистина одлуката е позитивна и на земјоделците им треба ваква поддршка, но прашањето е кога може да се користи – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци.

За потсетување, зелената нафта како мерка за поддршка на земјоделците беше најавена уште во предизборната кампања на владејачката гарнитура, но таа сѐ уште не е стигната на нивите. Според најавите на земјоделците годинава ќе им бидат покриени 30 отсто од трошоците за нафтата, но може во иднина да се зголемат и до 50 проценти, како што е предвидено во законот.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски во една пригода истакна дека со спроведувањето на мерката за зелената нафта воопшто не се доцни.

– За зелената нафта воопшто не се чекаше. Ако добро се прочита програмата на Владата може лесно да се констатира дека се следи секој дефиниран чекор. Работата беше макотрпна, особено во делот на дефинирањето на методологијата за исплата на средствата, како и во делот на креирањето на законската основа. Се работи за пари на граѓаните. Мора да бидеме одговорни за трошењето на секој денари, а не па за 200 милиони денари – истакна Николовски.

Очекувањата се 55.000 земјоделски стопанства да добијат поевтина нафта, со која значително ќе се намалат производствените трошоци и ќе овозможи финален производ со дополнителна вредност, а тоа ќе значи и поголема конкурентност. Плаќањето ќе се врши авансно, за што е задолжена Платежната агенција.

За да се воведе зелена нафта, требаше да се интервенира во Законот за земјоделство и рурален развој. Мерката беше предложена, а потоа и најавена на почетокот од 2018 година како поддршка на земјоделците, односно како опција што треба да го ублажи ударот од зголемувањето на акцизата за дизел-горивото. Практично, би требало земјоделците да купуваат нафта по двојно пониска цена од продажната, па ако литар чини 60 денари, надоместокот за нив ќе биде 30.

Постојаниот раст на цената на нафтата значително се одразува врз работата на земјоделците, кои истакнуваат дека цените на горивата имаат големо влијание врз крајната цена на земјоделските продукти.

– Во принцип, нафтата опфаќа голем дел од трошоците во земјоделството, голема ставка, па секое поскапување значително придонесува кон раст на цената на крајниот производ. Добри се најавите за воведување зелена нафта за земјоделците, но сѐ уште не се знаат количествата за кои сметам дека ќе бидат недоволни за задоволување на потребите на земјоделците – вели Данаил Паланков, земјоделец од струмичкото село Муртино.


 

novamakedonija

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close