Скриената убавина на пештерата „Убавица“

(Oвој напис е објавен на: February 10, 2017)

Блиску покрај нас, во утробата на планината Буковиќ, 15-ина километри јужно од Гостивар, се наоѓа исклучително вредно природно богатство создавано со илјадници години.

D7A7E992B0B7104093FBCC57104E4113

Иако мина над половина век од откривањето на пештерата „Убавица“, во близина на Гостивар, се’ уште не се создадени услови за посета на туристи и љубители на природните подземни убавини за да уживаат во бесценетиот дар на природата. Раскошот од прекрасен пештерски накит создаден од безбројни различни по форма и боја сталактити и сталагмити, неколку галерии, столбови, езерца, тавани, водотеци, водопад висок 5-6 метри и извори ја прави „Убавица“ единствена не само во поширокиот регион, туку и во светот. Ова е констатација на многу стручњаци од повеќе европски држави кои учествуваа во истражувачките експедиции на пештерата.

Тука, блиску покрај нас, во утробата на планината Буковиќ се наоѓа исклучително вредно и неповторливо природно богатство создавано со илјадници години. Само 15-ина километри јужно од Гостивар, на 20 минути возење со автомобил по некогашниот макадамски, а сега асфалтиран пат за Кичево, со искачување на педесетина метри над патот се доаѓа влезот на пештерата.

Иако беше откриена пред нешто повеќе од 50 години од проф. д-р Душан Манаковиќ, од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, до денес, за жал, ништо не е направено за нејзина афирмација и таа е се’ уште анонимна за јавноста. Пештерата не е уредена, не е осветлена, не се изградени безбедносни патеки за движење… Природата со илјадници години има создавано исклучително подземно богатство во нашата близина, меѓутоа, надлежните институции не направиле ништо за да создадат услови за да ја доближат до туристите и да биде атракција. Ако за ова се потребни поголеми средства, малку пари требаат за да се постави железна врата на влезот која ќе ја штити од дивите копачи и трагачи по подземното богатство. Во последниве години се уништени голем број сталактити и сталагмити, на ѕидовите се вдлабени имиња, испишани се графити.

skrienata ubavina na peshterata ubavica

 

Фасциниран од прекрасната и неповторлива убавина, професорот д-р Манаковиќ беше кум на името на пештерата „Убавица“. „Тоа што го открив, толку е убаво што заслужува да го носи името ’Убавица‘, рече професорот Манаковиќ во интервју во далечните седумдесетти години на минатиот век и појасни дека бил инспириран од сталактит кој наликува на женска силуета и воопшто од разновидното богатството на пештерскиот накит. Во изминативе декади ваквите констатации беа многу пати потврдени од спелеолози и други стручњаци.

Манаковиќ ја откри пештерата „Убавица“ во 1962 година, а истражувањата ги продолжи во август и септември до 1965 година и во мај 1966 година. Добиените резултати од истражувањата ги соопшти со научен труд „Пештера Убавица (Голема пештера – Шпела Мозе), на меѓународен симпозиум на спелеолози, одржан во Охрид, во 1968 година. Се’ што забележал во неколкугодишното истражување Манаковиќ детално го опишал, од влезот на пештерата, па се’ до крајот, во должина од 500 метри. Отворот на пештерата е со големина од пет на пет метри, од каде што започнува првата галерија, каде широчината изнесува помеѓу пет и три метри. По 10 метри од влезот, има урнати блокови од таванот, а крајот пештерскиот канал е преграден од урнат блок.

0D728F712403B44D9FC85668F08FA287

Со навлегувањето во пештерата, по речниот тек почнуваат како бисер да се нижат пештерски украси изградени по страните на пештерскиот канал и по таванот. Понатаму се редат саливи со жолтеникава, а на поодделни места со небесно сина боја. Онаму каде варовникот е испукан се јавуваат најмали форми на сталактити во вид на тенки прозрачни цевчиња. Бојата им е бела до жолтеникава. Поедини постари облици се сраснати, изградуваат столбови меѓу таванот и саливите кои скалесто се спуштаат кон водениот тек.

Како што се навлегува подлабоко во пештерата се откриваат мошне интересни комбинации на саливи, сталактити и сталагмити. Еден од најубавите делови во пештерата е каналот исполнет со вода во чија средина се наоѓа сталактит кој навлегува во водата, а странично од него еден заостанат дел од помалку растворлив варовник кој има облик на жена. Последната сала што ја испитал Манаковиќ е „Водопадот“. Таа е со димензии од 10 до 13 метри и претставува еден џиновски котел каде што водата од водопадот прави вител. Бучењето на водопадот кој е со височина од 5 до 6 метри и прекрасниот пештерски накит ја откриваат убавината на подземниот свет. Професорот Манаковиќ е убеден дека излезот на пештерата „Убавица“ се наоѓа во близина на кичевското село Зајас, па затоа треба да продолжат истражувањата.

Во изминативе неколку декади голем број спелеолози од повеќе европски држави покажаа интерес да учествуваат во истражувањата на пештерата „Убавица“. Во август 2005 година француски спелеолози, заедно со колегите од спелеолошкото друштво „Пеони“ од Скопје и „Инфериум“ од Кичево учествуваа во истражувачка експедиција која траеше два месеца. Притоа беа откриени нови 600 метри подземни канали богати со разновидни пештерски накити. Последната експедиција која истражуваше во „Убавица“ беше кон крајот на септември годинава. Македонска екипа која ја сочинуваа спелонуркачите Гоце Димитриевски, Дарко Недановски и Александар Булески во третиот ден од истражувањето успеа да ја надмине крајната истражена точка во внатрешноста на пештерата од 1.100 метри, пробивајќи се за нови 40 метри. Кире Ангелески, претседател на СНК „Врело“ вели дека истражувачите откриле многу нови отвори, сливни канали во главниот водотек низ пештерата, но и многу поголеми водени акумулации со длабочина од над 3 метри.

9-3

Истражувачките активности во пештерата ќе продолжат во наредните пет години.

Во 2016 година ќе се вршат испитувања на водата за што ќе бидат поставени посебни инструменти и ќе се изготви посебен елаборат. Но, за понатамошното испитување се потребни значителни средства и специјална опрема. Ангелески вели дека на спелеонуркачите за да се пробијат на крајот на испитаните 1.140 метри им се потребни 10 часа напорно одење и пливање на температура од 8 Целзиусови степени. А, за да се реализира втората фаза од истражувањето потребно е да се создадат сите неопходни услови: да се постави камп внатре во утробата на пештерата каде што ќе престојуваат нуркачите два дена за да можат да ја надминат досега истражена точка. „За овој потфат се заинтересирани нуркачи и спелеолози од Белгија, Полска, Италија и од други држави. Се разбира нивната помош ни е драгоцена, бидејќи се искусни за вакви потфати и располагаат со соодветната опрема“, вели Ангелески.

20120918-pestera2

„Општина Гостивар е мошне заинтересирана пештерата „Убавица“ да се оспособи за посетителите и да стане туристичка атракција“, ни изјави Пајтим Саити, раководител на канцеларијата на ЛЕР во Општината. Идната година очекуваат Министерството за економија да ја поддржи програмата за уредување на просторот околу влезот на пештерата и за изградба на пешачка патека во должина од 50-ина метри од патот. Од Министерството за транспорт и врски да им додели средства за реконструкција и асфалтирање на преостанатиот еден километар до пештерата, а од Министерството за животна средина да им одобрат средства за поставување железна врата на влезот на пештерата.