СКСЗМ на Конференцијата „Мontenegro 2016“ за развој на Западен Балкан
Претседателот на Стопанската комора на северо-западна Македонија (СКСЗМ), Неби Хоџа и претседателот на Собранието на СКСЗМ, Касам Зендели учествуваат на економската Конференција „Мontenegro 2016“ за развој на Западен Балкан што се одржува во Будва, Црна Гора.
Конференцијата е во организација на Стопанската комора на Црна Гора во соработка со Комитетот за европски односи за Источна Европа во Берлин, а на отворањето поздравни говори имаа претседателот на Стопанската комора на Црна Гора Велимир Мијушковиќ, претставникот на Министерството за економија и енергетика на Германија Андреас Оберстелер и претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ.
На првиот панел на конференцијата, информираат од СКСМ, беа презентирани политичките реформи, како клучен фактор за иднината на балканските земји и нивниот економски развој и Берлинскиот процес, достигнувањата и очекувањата од него. На овој панел присуствуваше и министерот за економски развој, туризам, трговија и претприемништво од Албанија, Милва Економи која кажа дека политиката треба да се фокусира на економскиот развој и регионалната соработка, особено на слободната трговија помеѓу балканските земји.
Претседателите на стопанските комори од Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Словенија и Србија дискутираа за економските перспективи на земјите од Западен Балкан.
– Со оглед на економските случувања досега помеѓу овие земји, мислам дека дојде време за реструктуирање на соработката и нејзино одолгорочување со цел институционално подигање, бидејќи само политиката што го слуша гласот на бизнисот е добра политика. Слободната трговија со договорот ЦЕФТА само на хартија не е доволна, рече претседател на СКСЗМ, Хоџа.
Во фокусот на оваа конференција во другите панели беа опфатени темите на соработката во секторите како што се енергетиката, инфраструктурата, образованието, индустријата на минерали, туризмот, земјоделството, преработувачката индустрија и трговија. Исто така, беа презентирани различните можности за странските инвестиции, претходното искуство и идните очекувања, и сето тоа од перспектива на креативната економија, која што му е потребна на Балканот, со истакнување на иновациите и Стартап бизнис центрите.