fbpx
Вести

Сме заработиле над милион евра од извоз на говеда, гулаби, соколи, канаринци и пчели

Kокошки во Албанија, коњи во Германија, мачки во Америка, кучиња речиси во цела Европа се само дел од македонските животни кои минатата година се извезени од државата. На сметка на тоа инкасирани се над милион евра во државната каса.

sme zarabotile nad milion evra od izvoz na goveda gulabi sokoli kanarinci i pcheli

 

Во годишниот извештај на Агенцијата за храна и ветеринарство за лани стои дека голем дел од нашите животни ги поминале границите и како крајна дестинација завршиле во светските фарми. Дел од нив за облагородување на некоја раса, други во фармите за приплод, а има и такви кои наменски биле увезени за домашни миленици. Покрај животни, на листата има и птици. Бројките велат дека само за една година извезени се над 3.400 гулаби што сме ги извезле во Австрија, Белгија и Бугарија, триесетина канаринци и исто толку папагали.

Освен јајца, извезуваме и кокошки

На листата за извоз се наоѓаат и пчели и тоа околу 1.000 матици и стотина роеви. Експертите од оваа област велат дека иако сме мала држава, имаме квалитетни единки што се барани на пазарите.

Од животните што лани најмногу патувале преку граница се кокошките и тоа 34.000. Сите завршиле во албанските фарми. Втори на листата се гулабите, канаринците и соколите. Нивна крајна дестинација била Швајцарија, Данска и Турција. Интересно е што минатата година на европските пазари завршиле и дваесетина егзотични папагали кои биле родени во државава. Околу 500 говеда завршиле кај албанските сточари, а 18.000 желки веќе пливаат во аквариумите или се дел од жителите на приватни терариуми во Kина, Полска и во Тајван. Три македонски соколи се дел од колекцијата на турските ловџии, а сме извезле и аквариумски рипки, но и крап произведен во земјава.

Експертите велат дека во државава има квалитетни раси животни, но и врвни легла на домашни миленици.

– Се почесто се среќаваат шампионски единки кои се бараат како во соседството така и надвор од него. Од останатите видови имаме квалитетни матици кај пчелите, но и раси говеда кои се бараат поради издржливост – коментираат експертите. Според нив, македонскиот крап многу често се бара на странските пазари, па не е ни чудно што сме извезле над 20.000 парчиња.

Најмногу увезени свињи

Што се однесува до увозот, лани во државава најмногу се увезени свињи и тоа од Данска и Франција – 897 броја. Од Германија влегле 822 расни говеда, а 53.834 аквариумски рипки ни допливале од Малезија, Сингапур и Израел. Kај живината најмногу сме увезле мали пилиња за товење и тоа речиси 250.000 единки. Минатата година сме увезувале и пауни и тоа само за колекционерски цели. Најголем увоз имало од Србија на кучиња, а од риби за порибување најмногу сме увезувале единки од крап.

Во извештајот стои дека освен на граничните премини, лани инспекторите правеле контроли и на добиточните пазари каде што се продаваат живи животни. Направени се стотина контроли со педесетина записници и три решенија. Поднесени се четири прекршочни постапки. Лани ветеринарните друштва направиле 5.370 контроли, издадени се 55.952 сертификата, а вкупно остварен приход бил 212.172.201 милион денари. Од нив уплатени во буџетот на државата биле 7. 294.877 денари. Од остварениот приход од издадените сертификати за здравствена заштита на животните во внатрешен промет 50 отсто е приход на буџетот, а останатите 50 отсто се приход на овластените ветеринарни друштва за покривање на трошоците за издавањето на сертификатите.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close