fbpx
ВестиТоп вести

Снежана Танева: Сон ми е да имам модерна фарма

Гевгелија

 

Жена претприемач

 

Снежана Танева е млад фармер од с. Мрзенци гевгелиско  која го прифатила предизвикот да го води семејниот бизнис наследен од нејзиниот татко. Во време кога се намалуваат родовите нееднаквости, таа се соочува со непризнавање на нејзиниот успех од околината. Се бори со секојдневните проблеми на кои наидува и сонува еден ден да има модерна фарма.

Во светот на бизнисот, сеедно дали го водат мажи или жени, важат економските показатели. Во денешно време воопшто не е едноставно да се води било каков бизнис, дотолку повеќе што се јавуваат многу проблеми со кои се соочуваат во текот на работата. Снежана е една од ретките жени,која иако имала друга желба за својата иднина,  го прифатила предизвикот да води фарма.

Го направила тоа со желба за подобро утре за себе и својата фамилија.  Желбата да стане физиотерапевт ја напушта и се зафаќа да ја води фармата со стадо од 150 овци и 4 крави. Бизнисот што некогаш го водел нејзиниот татко и’ останува во наследство, иако е трето дете и има и брат и сестра.  Ако традицијата вели дека машкото дете наследува се’ од своите родители, во случајов примерот е поинаков. Братот на Снежана е вработен во стопанството , но таа е носителот заради нејзините  претприемачки вештини што ги поседува.

-Јас имав одговорност и инстинкт за бизнис  одлуки, знаев кога треба да го направам правилниот потег. Не е само да работиш, треба да знаеш како да работиш, оти во  земјоделието доброто и лошото, ќарот и зијанот се браќа. Треба да знаеш кога да се повлечиш, а кога да одиш напред, оти е многу тешко. Можеш да заглавиш, да пропаднеш во живата кал и никогаш да не излезеш, вели Снежана. Моментално, во  државата условите за водење на бизнис, се катастрофални.  Посебно во секторот во кој јас работам, сточарството, додава таа.

 

Легализацијата на фармата примарен проблем

Снежана сонува да има модерна фарма. Но засега тоа е само сон, бидејќи не може да ја легализира фармата. Заради законската регулатива за животна средина, стадото морала да го дислоцира настрана од с.Мрзенци, кое од село прераснува во урбана средина. Со помош на Националната федерација на фармери  успева да добие  парцела од општина Гевгелија, но бидејќи не поседува имотен лист за сопственост, не може да инвестира и своето стопанство да го осовременува.

 

-За сега од резултатите сум задоволна, имаме млеко за кое има   пласман, исто и за јагнето, но оваа локација не е трајно решение. Не можам да инвестирам бидејќи фармата не ми е легализирана. Млекото ни го откупува млекара Осогово. Дел го даваме во млекарата дел го преработуваме во јогурт и кисело млеко. За сега соработката е супер и задоволни сме. Секојдневно го собираат млекото, ги исполнуваме стандардите за квалитет, добиваме совети како да го чуваме. Молзењето го вршиме рачно. Немаме лактофризер и  млекото го собираме во метални садови. Мала фарма сме, но успеваме да добиеме квалитетно млеко, објаснува Снежана.

 

Хигиената за која се грижат таа и мајка и’ како и храната се основата за големиот квалитет на млекото. Храната за стоката ја обезбедуваат сами обработувајќи 3,5 ха земјоделска површина.

-Проблеми има  многу, условите што ги нуди државата, ниските откупни цени на јагнето и  млекото, скапа храна, скапа нафта, нема работна рака и сето тоа влијае  на  цената. Климатските промени се многу голем фактор. Два дена сонце, па дожд и  снег, самата овца не се адаптира  лесно на ваквите  услови, посочува Сенжана. Овците се мелез од расата аваси и  овчеполка. Работиме на традиционален начин. Да имам модерна фарма се’ сама ќе работам, ама вака не можам. Јас цел живот сум со стока. Тука се брат ми и мајка ми,  сопругот  ми  помага и ме поддржува.

Снежана живее во Гевгелија и во текот на еден ден, релацијата Мрзенци -Гевгелија ја поминува по 7-8 пати, за да може да одговори на обврските на фармата, а и обврските  околу нејзината фамилија. Има две ќерки кои кога се на распуст одат на фармата и она што може да го направат и помагаат.

-Денот е многу долг. Станувам многу рано и додека сите уште спијат јас одам на фармата. Ги молзам овците и потоа се носат на испаша.  Навечер легнувам доцна. Не можеш да седнеш. Кога немам замена е многу лошо. Никој не сака сточарство да работи,  се смета за долна работа. Затоа државата  треба да ни даде услови за модернизација, да се спасиме од маките. Јас би сакала да продолжам , но на шталски начин. Бидејќи за да одиш на испаша треба најмалку тројца. Во сточарството и земјоделието нема боледување. Ако се разболиш ќе се разболат и животните, ако не најдеш замена, вели Снежана.

И покрај сите проблеми со кои  се соочува секојдневно Снежана успева да си посвети внимание себе си и за своето семејство. Вели дека без добра организација нема успех.

Иако има желба за работа и не се жали, сепак, вели дека зголемувањето на стадото ќе се случи само ако и помине  легализацијата на фармата, во спротивно може да згасне производството.

 

Што да се направи?

-Навремено исплаќање на субвенциите, да се направат некои неповратни средства, не во пари, туку во подобрување на  услови. Да има добра цена на пазарот за јагнето.  Да се продава по  180 ден, а не 120 , 130ден. Да престанат манипулациите. Лично таа не се соочила со проблеми околу субвенциите,  но се зборува дека има луѓе што  пријавуваат, а немаат стока  и  земаат субвенции, а оној што е прав сточар му  доаѓа  контрола го гњават и не зема субвенции. Субвенциите се од голема важност за нас сточарите. Слаби сме со пасишта, местото наменето за пасишта е претворено во ниви,  и дадено е под концесија. Садат бадеми лешници. Ќе насадат по едно две дрвца  и не можеме да ги пасеме таму овците. Пасиштата треба да се одржуваат, ако нема стадо со овци самото пасиште се загадува со дрва и жбунови. Ако не се сменат условите не ќе можам да издржам, вели Снежана. Треба да се подобруваат условите за производство на храна, затоа што храната значи живот.

И покрај сета тежина  таа не се откажува. Своите ќерки ги советува дека од работа нема срамота. Мора да се работи за да се живее. Смета дека треба да се обрне повеќе внимание на жената фармер. Вели дека споредба  помеѓу маж и жена, постоела и ќе постои. Тоа што е носител на  бизнис кажува многу за довербата што ја стекнала  кај членовите  од нејзиното семејство.  Сепак, околината и дел од  нејзините  соработници,  тешко го прифаќаат нејзиниот  труд, а со тоа и нејзиниот  успех во овој сектор.

Бизнисот за неа значи егзистенција за себе и семејството. Можност за напредување и надградување на самата себе, за подобар живот на нејзините деца. Свесна е и за сите предизвици што ги носи бизнисот и е среќна што успева  да создаде квалитетен производ од кој може да заработи. Ги охрабрува жените да  учат и да се усовршуваат,  да водат свој бизнис сеедно во која сфера е. Во својот женски свет многу жени мора машки да чекорат. И покрај сите тешкотии се надева  дека во сточарството ќе се променат работите и дека еден ден ќе и’ се оствари сонот да има модерна фарма.

П. Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close