fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Снежана Танева, земјоделка: Ќе бидам принудена да работам како медицинска сестра или да се иселам од Македонија!

Снежана Танева е жена фармер која секојдневно живееше на релација Гевгелија – Мрзенци, каде што се наоѓаше земјоделската фарма во која таа и нејзиното семејство до пред извесно време одгледуваа 150 овци и 5 говеда. Секојдневно ја снабдуваа гевгелиската слаткарница „Шар Планина“ со млеко, како и млекарницата „Осогово“. Но, поради административни проблеми, чекање од ден на ден, мораа да ги продадат овците и во моментов останаа со само две крави и две телиња

Снежана Танева е жена фармер која  секојдневно живееше на релација Гевгелија – Мрзенци, каде што се наоѓаше земјоделската фарма во која таа со својот брат, со сопругот, децата, сестрата и зетот, до пред извесно време, одгледуваше 150 овци и 5 говеда. Секојдневно ја снабдуваа гевгелиската слаткарница „Шар Планина“ со млеко, како и млекарницата „Осогово“.

Снежана потекнува од фамилија која цел живот се занимава со земјоделство и со сточарство. Пораснала со животни, љубовта кон нив некако ѝ е во гените и од мала е воспитувана да биде одговорна кон работата на фарма.

При последниот наш разговор, пред две години, Снежана ни рече дека е многу тешко да бидеш земјоделка и сточарка во денешно време, иако познава многу земјоделки од Гевгелиско кои, заедно со своите најблиски, егзистираат од земјоделство.

 „Се работи од утро до мрак“, раскажуваше тогаш Танева, „бидејќи освен фармата во Мрзенци, имаме и 3,5 хектари земјиште на кое се произведува храната за животните што ги одгледуваме“.

Она од што беше незадоволна Танева тогаш  беше односот на државата кон земјоделството и кон сточарството.

– Од државата примам субвенции од грло добиток и обработлива земјоделска површина, но и таа помош не доаѓа навреме.Пред десетина години, Општина Гевгелија нè дислоцира на ридот во Мрзенци и ни дозволи да направиме монтажно трло на општествено место. Направивме натстрешница, но струја немаме. Едвај обезбедуваме вода, канализацијата сè уште не ни е решена, затоа што не ни е легализирана фармата. Немаме имотен лист и затоа не можеме да аплицираме за странски инвестиции и за модернизирање на фармата – со жалење изјави Танева.

Деновиве, кога повторно ја посетивме, нејзиниот гнев беше уште поголем.

– Сè уште не ни е решен статусот на фармата! Еве, веќе трет градоначалник се смени, а сè уште немаме имотен лист, и во моментот  водиме постапка со Општината за легализација. Ни беше земена нива за експропријација и јас само барав замена нива за нива, а не нива за шума. Како ќе се развива работата натаму – не знам, некако тешко и бавно оди сето тоа. Но, она што ми е најболно е големата загуба. Поради ова чекање од ден на ден, моравме да ги продадеме сите 150 овци и сега ни останаа само две крави и две телиња.

Сета оваа ситуација ме принуди да почнам да учам за медицинска сестра, бидејки ако не се легализира фармата, 40 години макотрпна работа ќе паднат во вода и ќе морам да се вработам тука или во странство како медицинска сестра.

Оптимизмот, сепак, не ме напушта. Јас, искрено, сакам да успее оваа процедура со легализацијата за да можам да изградам модерна фарма каде што би произведувала шталски овци и крави. Со тоа ќе ја продолжам татковата традиција, а на своите деца ќе им оставам да продолжат да се занимаваат со сточарство и со земјоделство.

Државата, треба да застане зад нас, зад земјоделците, а особено зад земјоделките и да ни даде уште поголема поддршка, но наместо тоа, соочени сме со низа административни предизвици, кои не ни овозможуваат да се занимаваме со земјоделство и со сточарство – ни изјави Снежана.

Љ. АЛЕКСОВСКИhttps://www.vecer.press/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close