Ако некогаш домашните работи строго се делеа на машки и женски и кога донесувањето на важни одлуки во семејството ги носеше мажот, во поново време состојбата драстично се сменува. Родовата еднаквост се зголемува, а со тоа се зголемува и влијанието на жената во целокупното општествено живеење. Денешната жена е ставена пред голем број предизвици кои го сменуваат нејзиниот статус, а со тоа и нејзиното влијание во целокупниот развој на заедницата. Зелена берза за сите нејзини поддржувачи споделува сторија која започнува пред 13 години во с. Тополчани Прилепско.
Судбинска била случајната средба меѓу Маре и Оливер Манчески. Завршила со брак кој среќно трае веќе 13 години.
„Јас сум од Скадар Албанија. Никогаш не си замислував дека мојот живот ќе го продолжам на друго место надвор од родното место, особено во друга држава. Се ‘ беше случајно, наеднаш дојде. Мене во животот најбитно ми беше човекот да биде добар, не ме интересирше богатсво или нешто друго“, ја започна својата приказна Маре, додека го ставаше ѓезвето на оган да свари кафе за гостите.
Јазикот не бил воопшто пречка, брзо го научила македонскиот јазик и лесно се прилагодила на новонастаната ситуација. Знаела дека оди да живее во село каде што има многу работа, но тоа воопшто не ја исплашило.
„Мажот ми оди на работа, тутун садат, се занимаваат и со жито. Мораш да работиш тутун , тоа сите го прават. Кај мене немаше никаков проблем со тоа, немав страв од непознато ниту пак страв од работа. Добро ме прифатија и имав помош од сите за полесно да се снајдам во срдината“, раскажува Маре.
Во руралните средини голем дел од обврските во земјоделието се на терет на жената. Но тоа не било пречка за Маре. Ниту работата ниту пак возењето на трактор кој вообичаено е машка работа не создавале проблем. Малку е напнато, но со добра организација се стигнува се’ . Денот и започнува многу рано пред да изгрее сонцето, а обврски ги завршува доцна навечер.
„Станувам во три часот, одам на тутун и берам до кај осум и пол, девет часот. На враќање застанувам в продавница да купам леб и останати работи потребни за семејството и се враќам дома. Готвам ручек и почнувам да нижам. Нижењето го вршиме машински и тоа лесно и брзо оди. Освен тутунот имаме пластеник со пипер, домати, крастајчиња така што обезбедени сме со храна . Имаме и малку место за лукче кромитче, компир, за повеќе не може, нема кој да работи“, објаснува Маре.Селска куќа не може да се замисли без кокошки и пилиња. А производството на тутун им е главно занимање скоро на сите Тополчанци.
Од годинешната реколта со тутунот се задоволни. Успеале да произведат 1500кг тутун со добар квалитет, што помогнало да постигнат убава цена, која во просек се движела 220ден/кг. Што се однесува за в година, ќе продолжат пак да садат тутун. Тутунот е традиција на овие простори. Кога сме кај традицијата Маре ни проговори и за културата и традицијата, и за тоа како успева подеднакво да посвети внимание и да ја негува онаа од каде што потекнува со онаа која ја затекна. Маре и Оливер имаат две ќерки Викторија и Валерија на возраст од 11 и 5 години. Ги растат и воспитуваат во духот на двете традиции. Маре е католик и се обидува подеднакво да посвети внимание на сите празници и настани од двете религии. Вали дека за овдешната традиција научила многу од нејзината свекрва која била многу трпелива и ја научила на сите адети и обичаи кои произлегуваат од традицијата што ја негуваат во с.Тополчани.
Додека разговараме за културата и традицијата Маре како добра домаќинка не почести со кафе, сок и благо.
„Кога дојдов се’ ми беше ново. Морав да прашувам.Свекрва ми да е жива, ме научи за сите адети. Празниците овде се различни. Научив кога се оди в црква, кога на гробишта, што и како се прави за празниците. Многу научив и од девер ми и јатрва ми со кои живеевме во заедница 10 години. Ги славиме и православните и католичките празници. Она што го научив овде се обидувам да им го пренесам и на нашите ќерки. Исто така им го пренесувам и она што го носам од културата и традицијата од Скадар“, раскажува Маре.
Ги одржува врските со семејството од Албанија. Како што им дозволуваат приликите ги посетуваат. Исто така и тие доаѓаат за разни пригоди во Тополчани.
Маре брзо се прилагодила и на овдешната храна и ги совладала кулинарските способности . Подеднакво добро готви македонски јадења, а понекогаш знае да подготви и некој специјалитет од нејзиното родно место како на пр. Тава со крап, мазник со ореви. Исто така знае да ги изненади и роднините од Албанија со македонска сарма , јадење карактеристично за овие простори кое не се готви во Албанија. Летно време има многу работа по нивите и со душа чека да дојде некој празник, да одмори и за да се дружат со роднините и пријателите. Во зимскиот период кога работата е намалена има време и за заедничко кафе дружење со комшивките и пријателките.
Маре со воодушевување говори за нејзиниот живот во Тополчани. Вели дека е задоволна и среќна жена. Смета дека улогата на жената е многу голема , не само во семејството туку и пошироко за целата заедница. Сака да се усовршува и да ги надградува своите вештини и способности. Има желба и можност, но засега е посветена на своите ќерки и останатите членови од семејството.
„Сакам да ми биде убаво дома и не би го менувала ова место за ништо и никаде во светот. Кога се молам на Господ се молам прво здравје да ми даде мене и на фамилијата и сила да работам“ ја завршува својата приказна Маре Манческа.
На разделба не покани повторно да ги посетиме на лето и да пиеме кафе на терасата од новоизградената куќа која им е при крај со средувањето.
Павлина Јовановска