fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Рекордни приноси на пипер во Пелагонија

Рекордни приноси со одличен квалитет носи бербата на пиперката „капија“ во Пелагониско. На насадот  на Благојче Паскоски од с. Крушеани  општина  Кривогаштани една пиперка тежи од 500-700 гр. Очекува добра сезона бидејќи има загарантиран откуп.

Самиот старт од бербата на пиперот на отворено во Пелагонија носи одличен квалитет и рекордни приноси. Земјоделците имаат обврски на претек и брзаат да го соберат произведеното за да ги избегнат можните невремиња кои периодов се можни, а во минатото на одредени места направија големи штети. Благојче Паскоси од с.Крушеани општина Кривогаштани оваа сезона очекува да собере од 120 -150 тони пипер. Пиперот го има насадено на 3 ха површина.  Примената на квалитетен семенски материјал и добра земјоделска пракса се најважните услови за квалитетен принос објаснува тој.

-Задоволни сме од  постигнатиот квалитет и очекувам добри приноси од пиперката „капија“. Една пиперка тежи од 500 – 700 грама. На еден корен има по 6 – 7 убави големи пиперки. По 3-4 килограми од корен може да се соберат. Покрај добра земјоделска пракса употребив и квалитетно семе кое го набавив од Србија. Мислам дека семето  е пресудно бидејќи и во минатото истата работа ја правев ама ваков принос и  квалитет не добивав. Оваа година со иста работа имам двојно поголем принос. Навистина семето го платив малку поскапо ама сега очекувам приноси само од капијата околу 120 тони, вели за Зелена берза Благојче. Засега бербата и откупот одат добро, се надевам дека до крајот на бербата нема да има проблеми. Има  откупот, а цената се движи од 27 -28 ден за прва класа, додава тој.

Покрај „капијата“ на средината од бербата е и белата „банана“ пиперка. Благојче е задоволен и од оваа сорта чија цена се движи околу 20ден/кг. Вели дека 10 години соработува со исти луѓе откупувачи и дека и оваа сезона има загарантиран откуп. Белата пиперка најчесто ја пласира на Кванташки пазар во Скопје, додека капијата ќе оди на некој од европските пазари.

Благојче е 36 годишен земјоделец и од оваа дејност егзистира целото негово семејство. Обработува 80 декари земја и на неа одгледува пипер, тутун, жито компир.

-Не се исплаќа сè, ама што да се прави, земјоделието е традиција овде и мора да се работи, вели Благојче.

Оваа сезона резултатите од житото вели дека биле просечни, но дека тешко оди со компирот. Се надева дека  со пиперот ќе биде подобро и ако поможи времето ќе биде одлична берба, бидејќи пиперот може да се бери додека падне слана. За сега сите работи ги извршува со членовите на своето семејство и со еден постојано ангажиран  работник. Во шпицот на бербата на капијата ангажира дополнителна работна сила чија цена се движи од 150 – 170 ден од час.

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close