Со нови даночни стапки на ДДВ ќе бидат опфатени 1.500 производи
Листата е веќе доставена до стопанските комори и во наредните денови Министерството за финансии ќе ја објави на својата веб страница, изјави премиерот Ковачевски
Околу 1.500 производи ќе имаат нови стапки кај Данокот на додадена вредност, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
„Станува збор за околу 1.500 производи кои што имаат голем број на тарифни броеви. Таа листа е веќе доставена до стопанските комори и во наредните денови Министерството за финансии ќе ја објави на својата веб страница“, изјави Ковачевски на настанот ставање камен темелник на нова полициска станица во Аеродром, одговарајќи на новинарско прашање кога ќе биде објавена листата на производи кои ќе имаат повисоко ДДВ.
Тој посочи дека даночната реформа е она што владата го ветила дека ќе го направи, како и дека притоа нема да има зголемување на данокот на добивка, на персоналниот данок, ниту воведување на било какви други даноци во даночниот календар.
„И тоа го остваривме. Меѓутоа, со оглед на тоа дека голем број на производи кои што се од луксузен карактер беа ставени со даночна стапка од пет проценти, како на пример најскапи видови морска храна, одредени видови скапи сирења кои што се носат од Франција, од Италија, и тн, се одлучи дека треба да се проошири даночната база. Односно, тие производи да не бидат на повластена стапка од пет проценти, туку на десет проценти, што е повторно повластена даночна стапка бидејќи основната стапка на ДДВ кај нас е 18 отсто“, рече Ковачевски.
На забелешката дека листата производи ја бараат на увид и од опозицијата бидејќи се сомневаат дека ќе поскапи целата храна, Ковачевски одговори дека таа е извор на дезинформации.
„Опозицијата е извор на дезинформации и тоа го утврдивме сите заедно во однос на она што се случуваше во политуичкиот дел, а кога некој ќе функционира како извор на дезинформации тогаш ќе продолжи и на сите други полиња“, рече Ковачевски.