
Со пиштол ги тепаа овците, ни уништија 200 грла и не оставија со празно бачило, вели Јаворка Димова сточар од Свети Николе
Уништувањето на стоката е уништување на сточарството во Македонија
Со пиштол ги тепаа овците, ни уништија 200 грла и не оставија со празно бачило, вели Јаворка Димова, сточар од Свети Николе која заедно со сопругот Тони се грижеа за стоката. После 30 години сточар, денеска е уништено бачилото на Димова поради болеста овча сипаница. Сите двеста овци и јагниња се уништени, а со тоа и жената сточар Јаворка Димова која го произведуваше најубавото овчо сирење во Свети Николе. Јаворка за Зелена берза вели дека ветеринарни инспектори ја констатирале болеста и во нејзината фарма, но остро критикува дека цело лето овчарите чекаа вакција за овчка сипаница и не добија за да ја заштитат стоката. “Од 18 години, цели три децении чувам овци, денес останав без ни едно од нив. Стоката ми ја отепаа со пиштол едно, по едно грло, не можам да го поднесам ова што се случи. Еве преку ден, од 30 години сточар, останав без стока”, раскажува низ солзи и вознемиреност Јаворка за Зелена берза. Таа вели дека државата требаше ургентно да делува кога за прв пат се појави болеста во Источна Македонија, а не да дозволи да се прошири во толкави големи размери. Оваа ситуација за Јаворка е уништување на сточарството во Македонија, посебно на овчарството. “Сега ќе ни дадат обештетување, но колку и дали ќе биде реално е прашање, бидејќи моите овци беа од сортата Праменка – Овчеполка, оваа штета што ми ја направија е околу 50 илјади евра, а проценката на државните служби околу 30 илјади евра. Значи и по втор пат ќе бидеме општетени”, вели Јаворка. Според неа со уништувањето на целото стадо овци непол месец пред 1 ноември, ќе ги изгубат и субвенциите за 2026 по грло што е дополнителна штета од 10 илјади евра. Јаворка вели дека со уништувањето на овците се доведува до прашање понатамошната егзистенција на фамилиите, на одгледувачите на овци за што државата мора да најде начин да ги обештети праведно за да не останат без егзистенција.
Фото Јаворка Димова Текст Анета Блажевска




