Сончево и топло до петок, викендот облачно и постудено
Најстудено во Берово, минус 7 степени, во Маврови Анови снежна покривка од 37 сантиметри
Најстудено утрово е во Берово каде што температурата е 7 степени под нулата. Како што информира УХМР, минусни температури во 7.30 часот се измерени и во Маврово (-6), Битола (-5), Крива Паланка, Тетово и Струмица (-4), Скопје-Петровец, Прилеп, Штип и Демир Капија (-3), Охрид, Куманово и Претор (-2) и Скопје-Зајчев Рид и Крушево (-1).
Нула степени се измерени во Виница и на Попова Шапка, 2 во Гевгелија и 4 степени во Дојран.
Највисока снежна покривка, 37 сантиметри, утрово е измерена во Маврови Анови, на Попова Шапка 25 сантиметри, 20 см во Крушево, 4 во Ѓуриште, 6 во Битола и 2 сантиметра снег во Берово.
Сончево и потопло време ќе преовладува денеска во земјава. Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла или ниска облачност.
Минималната температура ќе се движи во интервал од -5 до 3, а максималната од 10 до 16 степени.
Во Скопје претпладне ќе има услови за појава на слаба магла, во текот на денот ќе биде сончево. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
И утре ќе преовладува сончево и потопло време, претпладне со појава на магла или ниска облачност по одделни котлини.
Во сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер што ќе услови намалување на температурата за неколку степени, а облачноста ќе се зголеми. Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време.