Сончево, ведро и многу студено
Во делови од Пелагонија утринската температура ќе биде околу -20, а максималната околу -7 степени.
Најстудено изутринава е во Битола и во Берово каде што се измерени минус 22 односно минус 20 степени целзиусови.
Следуваат Прилеп со -15, Тетово -14, скопски Петровец -13, а во Скопје се измерени минус седум степени. „Најтопло“ утрово е во Гевгелија и во Дојран со минус четири степени.
УХМР информира дека на Попова Шапка има сне\на покривка од 38 сантиметри, во Маврово 28, а во Крушево 25.
Времето во земјава изутринава ќе биде ведро и студено, по одделни котлини со појава на слаба магла. Преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северозападен ветер. Во вечерните и ноќните часови облачноста ќе се зголеми и во североисточните делови ќе има повремен слаб снег.
Утринската температура ќе се движи од -16 до -7, а дневната од -2 до 6 степени. Во делови од Пелагонија утринската температура ќе биде околу -20, а максималната околу -7 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност, во утринските часови со слаба магла. Утринската температура ќе се спушти до -13, а дневната ќе достигне до нула степени.
Во наредните денови ќе преовладува стабилно време, а температурите ќе бидат во пораст, но сепак утринските ќе бидат негативни, на места и под -10 степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла.