Создавање поволни услови за одгледување цвеќе
Цвеќе и други украсни растенија може успешно да се одгледуваат во домот само ако им се овозможат поволни животни услови, односно ако им се обезбеди во оптимална мерка сè она што им е потребно: доволно сончева светлина и топлина, вода, воздух и земја со соодветни хемиски и физички својства.
Сончевата светлина е најважниот животен фактор за секое растение. Таа влијае на создавање на хлорофилот (зеленилото на растението). Доколку нема светлина, доаѓа до етиолирање на растението т.е. до губење на зеленилото. Животниот процес на хранење на растението, односно примање на растворените хранливи материии од земјата и создавање на скроб во листовите е можно само со присуство на светлина. Затоа растението без светлина за неколку дена ја губи зелената боја, пожолтува и угинува.
Светлината влијае и на брзината на развој на едно растение. За да растенијата бујно растат и напредуваат, треба да се сместат на најсветлото место во собата, а по можност да се стават и до самиот прозорец.
Топлината е вегетациски фактор, од кој во голема мерка зависи интензитетот на растење и развој на растението и сите физиолошки процеси како што се: ‘ртењето, цветањето, оплодувањето итн. Секоја промена на топлината има силно влијание на растението. Притоа подеднакво се штетни и премногу ниски и премногу високи температури. Поизразено заладување предизвикува пореметување во растот и развојот, а може да доведе и до угинување на растението. Високите температури предизвикуваат пак губење на вода, со што се смалува притисокот во клетките и растението вене.
Украсните растенија може да се поделат на две поголеми групи: растенија кои треба да се чуваат на топло (околу 18°C) и на оние кои можат да поднесат студени простории (од околу +5°C до +8°C). Растенијата во одредена мерка и можат да се адаптираат на малите промени на температурата, ако разликата помеѓу највисоката и најниската не е голема и ако промените не се пренагли.
Растенијата во зима треба да се заштитат од струење на студениот воздух кој влегува при проветрување, од провев и од поинтензивно разладување на просторијата ноќе. Разликите од неколку степени тие без проблем ја поднесуваат. Љубителите на цвеќе важно е да знаат кои растенијата треба да се чуваат на топло, а кои можат да презимат и во незагреана просторија – под услов температурата да не оди до точката на замрзнување.
Водата му е неопходна на секое растение. Таа претставува важен фактор во одгледувањето на цвеќињата во домот. Водата на растенијата им овозможува да ги земаат од земјата неопходните минерални материи во вид на раствори. Растворените минерални соли во водата растението ги вшмукуваат преку коренот, се подигаат преку стеблото до лисјата, каде што се создава органска храна. Водата овозможува движење на соковите и пренесување на органските материи кои се создадаваат во лисјата во сите делови на растението. Исто така водата го снабдува растението и со кислород кој е неопходен за создавање на органските материи и регулирање на топлината. Водата го условува ‘ртењето и никнувањето на семето, а понатаму овозможува раст и развој на растенијата.
Растенијата кои се одгледуваат во домот обично се полеваат со вода од водоводот. Меѓутоа таа вода најчесто е тврда, поради присуство на зголемени концентрации на варовник, кој не им годи на многу растенија, како на пример, на азалеите, хортензиите, примулите и многу други. Затоа овие растенија треба да се залеваат со мека вода, а најдобро со дождовница, а ако ваква вода нема, треба да се земе отстоена вода каде варовникот веќе слегнал. Најдобра вода за поливање на цвеќињата е дождовницата, па ако е можно таа треба да се собира и чува, а најдобро во затемнета просторија за да не се создаваат алги во неа.
Воздухот на растенијата исто така им е неопходен за живот, бидејќи тие дишат како и секое живо суштество, па затоа им е неопходен кислородот од воздухот. Покрај ова, растението преку ситните пори на лисјата зема јаглерод диоксид од воздухот. Влажноста на воздухот исто така е значаен фактор за успешно чување на цвеќињата во станот. Меѓутоа на растенијата во домот не им е секогаш лесно да создадат влажен воздух, особено во зима кога просториите се загреваат.
Растенијата кои се пречуствителни на многу топол и сув воздух, како на пример, амаралиси, циклами, цинерарии, примули и други, треба да се сместат во помалку загреана соба, во која температурата е 8°C до 10°C.
Но ако овие растенија сепак се чуваат во топла соба, потребно е следното: во поголема подлошка, во која е ставена саксијата со цвеќето, треба да се налее вода. Во подлошката со вода треба да се стави помала тацна наопаку, за да саксијата не стои директно во вода. Водата полека ќе испарува и на тој начин растението секогаш ќе ја има потребната влага. Покрај тоа, растенијата треба да се наросуваат со распрскувач со отстоена вода по неколку пати дневно.
Извор:сезадомот