вести

Специјалните лебови на Жито Лукс ја „нахранија“ добивката

zito luks

Жито Лукс АД Скопје со позасилена маркетинг стратегија на понуда на специјални лебови успеа да освои нови купувачи и значително да ја зголеми продажбата на домашниот пазар со што во првиот неконсолидиран извештај објавен преку Македонска берза откри дека остварил квартална добивка, а притоа трошоците се добро „контролирани“.

Жито Лукс наведува дека вкупните приходи од продажба се зголемени за 3%, поради растот на домашниот пазар. Најголем придонес за растот имаат специјалните лебови и бисквитите – категорија која е воведена на пазарот при крајот на 2015-та година.

Така за првите три месеци од 2017 година приходите од продажба изнесуваат 254 милиони денари или 8 милиони денари повеќе во однос на истиот квартал лани. Извозот е речиси идентичен како во 2016-та, но затоа домашниот пазар се зголемува со продажба вредна 244 милиони денари.

Жито Лукс успеал да оствари и повисоки финансиски приходи овој квартал од вложувања, заеми и камати кои стигнале до 819.000 денари.

Додека „оперативата“ на Жито Лукс бележи солиден раст, трошоците се одржуваат на речиси идентично ниво од ланскиот квартал што допринесува и за самата добивка.

За 1 милион денари се намалени останатите трошоци од работењето поради еднократен ефект од 2016-та, оперативните расходи исто така не се зголемени за да донесат негативни резултати, за околу 2 милиони денаери се намалени административните трошоци, а за 4 милиони денари намалени се трошоците за суровини и други материјали кои сега изнесуваат околу 136 милиони денари.

– И покрај зголемувањето на продажбите за 3%, трошоците на произведените производи се зголемени за само 1%. Компанијата успеа да го искористи позитивниот ефект од пониските цени на пченицата и гасот, но истовремено работеше и на зголемување на ефикасноста на производниот процес, објаснуваат од Жито Лукс.

Со овие активности Жито Лукс има позитивен квартал со вкупна оданочена добивка од 3 милиони денари што е одличен резултат ако се спореди со првиот квартал од 2016-та кој заврши со загуба од 2,3 милиони денари.

– Во првото тромесечие од 2017 година компанијата продолжи со успешната работа. Бруто добивката е подобрена за 8%, додека Оперативната добивка е подобрена за 76% во спредба со истиот период минатата година. Како резултат на сето тоа, за прв пат по 15 години во првото тромесечје, остварена е позитивна нето добивка, посочуваат од Жито Лукс.

Минатата година Жито Лукс ја заврши со вкупна загуба поради високите трошоци за камата, па со намалувањето на финансиските расходи, одржувањето на пазарната позиција со зголемена продажба и намалени трошоци даваат ветувачки насоки за успехот во 2017-та.


 

фактор.мк

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close