fbpx
ВестиТоп вести

Стари сорти во изумирање – Зимска лубеница (зиморка)

 

Зимската лубеница позната  и под името Зиморка  некогаш многу честа и скоро секогаш присутна на земјоделските парцели денес претставува  реткост дури и кај традиционалните производители на лубеници, а уште поголема среќа е потребна да се пронајде на некој од зелените пазари во државата. Покрај специфичните шари на кората по кои се разликува од другите врсти на лубеници сепак највпечатлива е по жолтата боја на месото. Важно е да се напомене дека постои и зиморка со цревно месо која е значително поретка и освен по бојата на нејзината внатрешност сите други морфолошки карактеристики се исти како кај жолтата форма. Садењето се врши во текот на април. Семенките се со жолто-светла боја на обвивката. Плодот нараснува од 4-10 килограми и претставува сорта со средна големина на плодовото тело.

Нејзина најголема карактеристика по која и го добила името зимска е затоа што со правилно чување за кое не е потребен никаков посебен режим на одржување на температура во околината (најчесто во визбени простории, остави и шупи) може да трае и да се конзумира дури и во зимските месеци. Ова најповеќе се должи на нејзината дебела кора. Во минатото често присутна  била на Новогодишната и Божиќната трпеза. Денес нејзиното место како овошје на трпезата во зимските месеци го отстапува пред се на јужното овошје кое во минатото и не било достапно на нашето население. Исто така и развојот и употребата на разладната техника во секое домаќинство значително го намалила нејзиното значење.

При конзумирање во свежа состојба во поглед на вкус и блажина на плодот заостанува зад летните сорти на лубеници,  но затоа пак многу е попогодна за преработка од која може да се прави вкусно слатко, пита или пак разни џемови.

И покрај тоа што постарата популација многу ретко ја конзумира оваа врста со носталгичност се присеќаваат на нејзиното присуство во минатиот период. За разлика од нив поголемиот дел од младата популација не ни знаат дека таа воопшто постои. За жал многу повеќе се информирани за многу нови врсти на овошје кои доаѓаат од топлите прекуокеански земји за сметка на многу стари сорти кои биле традиционални во нашето поднебје. И покрај тоа што е присутна од дамнешни времиња поради  овие причини таа е врста во изумирање и нејзиното понатамошно опстојување е многу неизвесно. Сепак многу специјалисти и авторитети за здрава храна се едногласни во ставот дека најздрава храна е онаа која ја конзумирале нашите претци.

Подготвил: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close