fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Мед има и за извоз, но македонското „злато“ пак ќе остане дома

Пчеларите бараат да се формира единствена федерација на пчелари.

По неколкуте катастрофални медоносни сезони, оваа година пчеларите се пофалија со квалитет и квантитет на производот.

Од здружението „Градот на пчелите“ од Тетово, велат дека приносот од една пчелина кошничка им е за двојно, па и тројно зголемен во споредба со претходната година. Добрата клима ни донесе добар мед, велат од здружението.

-Оваа година има мед, тоа се должи на многу фактори, а пред се имаше добра клима,  дождови и добри температури, тоа придонесе да има мед оваа година, а има и медлика, квалитетна посебно за дишните органи и за имунитет. Тоа е мед од лисјата од дабот. Нема некоја статистика, но лани 5 килограми имаше од една пчелина кошница, сега и до 20 килограми носи, добра сезона е во секој случај. Ние како здружение организираме меѓународен натпревар за квалитет на медот. Јас се гордеам со медот од Македонија, тој е еден од најквалитетните во регионот, а тоа се должи на медоносните цвеќиња и дрвца ширум државата, рече Дритон Дикена, претседател на здружението „Градот на пчелите“.

Статистиката и во светски рамки говори дека луѓето по нивното пензионирање се занимаваат со пчеларство,  но трендот во последно време е и младите да се занимаваат со оваа дејност , а тоа започнува и во Македонија. Младите сега чувањето на пчели го гледаат како основна егзистенција, особено младите девојки и жени кои ја избираат оваа професија, која не бара физичка сила како другите земјоделски гранки. Затоа, како што велат пчеларите, потребна е стратегија за промоција на медот надвор од нашата земја, затоа што македонскиот мед има квалитет, а продажбата со добра цена ќе го зголеми интересот за пчеларство во државата, а со тоа ќе се намали невработеноста.

-За жал кај нас не постои начин на организирање и промоција на медот и ние како здружение работиме на тој проблем, за да го промовираме медот и надвор од нашата држава. Но, сепак не сме организирани, на пример како Србија, земја каде сето тоа се прави на ниво на нивната пчеларска федерација. Кај нас државните институции немаат слух и не даваат поттик и финансиска поддршка да го брендираме нашиот мед. Јас мислам дека на светски пазар ние можеме да успееме со земјоделските производи и со медот, но кај нас во тој поглед не се работи. Сето тоа што се прави се прави од тип на локални здруженија. За жал, пчеларите немаат некоја единствена пчеларска федерација. Проблемот лежи и во тоа што ние пчеларите сме поделени и на 80 здруженија, немаме единствено здружение, како што многу земји го имаат, но вината е и во институциите кои треба да ни даваат поттик да се собереме на едно место, за да имаме поквалитетен мед. Треба да се прави стратегија за развој на пчеларството. Дефинитивно треба да има поголема соработка и комуникација на медарите и институциите и тој мост да се гради, додаде Дикена.

Во светски рамки медот е трет најфалсификуван производ. И во нашата земја тоа е голем проблем. Во поголемите продажни места може да се најде фалсификуван мед, но тоа не е ниту мед, тука чиста индустрија, гликоза која на граѓаните им се продава како мед. За да реши оваа проблематика, пчеларите бараат што повеќе лаборатории за испитување на медот, но и инспектори кои треба повеќе да излегуваат на терен. Исто така, потребна е поголема свест и едукација за пријавување на секој сомнеж за фалсификуван мед, потенцираат тетовските пчелари.

 

Зоран Димовски за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close