Што да направите за вашиот пчеларник овој месец?

(Oвој напис е објавен на: July 10, 2019)

Вентилацијата на пчелните кошници е особено важна во овој период. Високата температура ја намалува активноста на пчелите и матиците, што може да доведе и до изгинување на пчелите. Поклопните даски потребно е да се заменат со жичана мрежа, а во пчелните полиња, потребно е секогаш да има чиста и свежа вода.

Потребно е да ги проверите и залихите на храна во кошниците, доколку не ги селите пчелите. Опасноста овој месец пчелите да страдаат од глад е голема, поради тоа што месецот е жежок, а пчелите се без паша. Ако немаат доволно храна, реагирајте брзо со рамки со резервен мед (доколку го немате тогаш користете шеќерен сируп и хранилици). Друга опасност, овој месец е и пчелниот крлеж – вароа кој го достигнува развојниот максимум и преминува во пчелното легло, каде предизвикува голема штета. Околу ¾ од овој штетник се наоѓа во затвореното легло, што не треба да не залажува дека го нема. Пчелните друштва кои не се на сончогледова паша треба да се третираат.

При употребата на хемиски средства потребно е да се заштитите и себе си, затоа што се штетни и по човековото здравје. Размножените пчелни друштва треба да се негуваат за да се развијат, да изградат саќе и да се подготват за зимата. Доколку немате обилна паша, потребно е да им се додаде изградено саќе или да се изврши дохранување со течен сируп.

Потребно е да го контролирате и квалитетот на матицата, за што најдобар показател е напредувањето на роевите. Во јули може да се продолжи со производство на матици и да се врши размножување на пчелните друштва. Посебно внимние треба да се посвети во овој период на грабежот, поради се помалата паша.

Последиците од нападот на вароата можат да бидат повеќекратни. Таа ја користи храната наменета за пчелите, ја цица пчелната хемолимфа, а како последица се раѓаат оштетени пчели кои брзо изгинуваат. Животниот век на нападнатите пчели е скратен, способноста за парење на трутовите е намалена, како и хигиенското однесување на заедницата, намалена е и преработката на резервната храна, ослабена е и стражарската служба, а слабо развиена е и млечната жлезда кај младите пчели. Секундарната инфекција (вирусите, бактериите), дополнително го влошува здравствениот статус на заедницата.

Затоа, следете ја состојбата со будно око и интервенирајте навреме.

 

 

Зелена берза