fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Сточарите, градинарите и лозарите први на удар од кризата

Извозно ориентираните земјоделски  гранки се најпогодени од корона кризата, смета Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци.

 

Над 174 илјади жители на Република Македонија работат земјоделие или на било кој начин се поврзани со земјоделство. Ова го потврдуваат официјалните податоците од Министерството на земјоделство, сектор Анализа за земјоделска политика. Голем дел од оваа бројка се активни земјоделци, но има и такви кои единствено со земјоделие ги поврзува имотот, односно нивите и ништо повеќе. Тука се отвора прашањето колкава бројка на земјоделци во актуелната економско-здравствена криза предизвикана од КОВИД-19 можат да ја користат владината мерка за помош од 14.500 денари за месеците април и мај за справување со кризата?

-Во моментов имаме запишано вкупно 174.209 земјоделски стопанства, од кои правни субјекти носители на ЗС се 3.073 додека физички лица кои се носители на ЗС се 171.136. Како индивидуални земјоделци се регистрирани 1.090, додека како трговец поединец 150 земјоделски стопанства. Што се однесува до бројот на членови кои се запишуваат во ЕРЗС бројката е незначителна – 14.194 земјоделски стопанства се со 1 член, 3.068 земјоделски стопанства со 2 члена, а 1.264 земјоделски стопанства се евидентирани со по 3 члена, потврдуваа од МЗШВ.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски на прашање на „Зелена берза“ одговори дека владината помош за стопанството се однесува и на земјоделците во зависност од тоа како се регистрирани.

-Помошта можат да ја искористат индивидуални земјоделци, физички лица кои се регистрирани според Законот за трговски друштва, и во самата регистрација им стои трговец поединец (ТП). Тоа значи дека овие земјоделци, кои имаат намален приход повеќе од 30 проценти во првите 4 месеци од годината, ќе можат да аплицираат за месеците април и мај, каде што ќе можат да добијат износ од 14.500 денари.

Поголемите фирми, кои се регистрирани по други закони, односно, како правни лица, евидентирани во Централниот регистар и тие доколку ги покажат загубите, падот од над 30 проценти, ќе можат да аплицираат за април и мај, и тоа според бројот на вработени, во зависност од тоа колку имаат. Зборуваме за бруто износ од 14.500 денари, месечно за еден работник, рече Димковски дополнувајќи дека истата финансиска помош можат да ја користат и други правни лица кои што ќе ги исполнат одредените услови. Ова е еден од првите сет мерки, економски мерки, сите фирми кои се вклучени во секторот производство на храна може да ги користат овие мерки, потенцираше министерот.

Владината помош за земјоделците недоволна, смета Шаклев

Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци смета дека државата во оваа ситуација не покажала доволно солидарност за земјоделците како што се очекувало. Смета дека земјоделците не треба да се делат околу можноста да користат владина помош, особено не, на земјоделци чии примарна дејност е земјоделието и на оние со дополнителна дејност, бидејќи ситуациите не се едноставни. Според него околу 75 илјади земјоделци земаат субвенции од државата. Од кризата директно се погодени сточарството, градинарството, лозарството, а дел од подсекторите барем засега не се засегнати, како производителите на житни култури.

-Влада во оваа ситуација им помага на земјоделците регистрирани како правни лица, зошто кај индивидуалните земјоделците за месец до два не може да се измери дали тие ќе имаат минус 30 проценти од приходот. Кај некои подсектори загубите се видливи. Тука е овчарството, јагнињата се продадоа за 100 денари жива мера. Обично за извоз одеа до 200 илјади јагниња, а сега немаме евиденција колку останаа непродадени. Сточарите бројат загуби, зошто реално таа цена треба да биде до 180 денари. Се субвенционира оставено женско јагне, но што со машките јагниња, тие не се товар за сточарите? Со интервентна мерка се покриваат загубите на производителите на зелка, но за жал не на сите. За други мерки во оваа корона криза кои позитивно ќе влијаат врз земјоделието барем ние не знаеме дека се донесени, вели Шаклев, наведувајќи дека помош во ова време треба да стаса и за козарите, зашто и тие се погодени со ниските откупни цени и целокупната состојба со сточарството.

Според него негативни последици од оваа криза ќе се прекршат и во лозарството, пред се заради проблемот со извозот на виното.

-Ако виното остане, не замине за извоз ќе падне цената на грозјето оваа година. Винарите ќе кажат -имаме залихи, виното ни остана непродадено, не можеме да откупуваме грозје. Или откупот ќе биде по минимални цени, предупредува Шаклев.

Анета Блажевска

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close