Сточарите ќе добијат обесштетување за убиените крави
Сточарите ќе добијат обесштетување за говедата кои ќе бидат убиени поради болеста јазлеста (чвореста) кожа.
Ваква одлука била донесена на итниот состанок на управувачко тело за справување со кризи што во средата вечерта се одржа во ЦУК. Состанокот на управувачкото тело беше свикан откако Владата оцени дека состојбата со ширењето на егзотичната болест е алармантна по официјалните потврди дека јазлеста кожа има кај вкупно 192 говеда во 11 стада.
“Освен за обесштетувањето, на состанокот донесена е одлука и за итна набавка на вакцини против јазлеста кожа, кои во Македонија треба да стигнат кон крајот на месецот, по што ќе се започне со вакцинација на сите говеда низ целата држава. За среќа, болеста не е опасна за луѓето, но многу лесно се шири кај добитокот”, ни рекоа вчера од Центарот за управување со кризи.
Според последните информации, нови жаришта има во Делчево, Радовишко, Штипско, за кои и лабораториски е потврдено постоење на болеста кај добитокот. Потврдени се уште три нови региони и за две места постојат само сомнеж за појава на болеста.
За да се спречи ширењето на болеста, воспоставени се три заштитни зони во радиус од три, 10 и 50 километри околу жариштата, изработени се и доставени упатства за примена на биосигурносни мерки на одгледувалиштата/фармите за заштита на животните од убоди од инсекти и безбедно користење на ѓубриво од животинско потекло и останати сет мерки кои можат да ја загрозат состојбата на животните.
Како превентивна мерка и понатаму сите девет официјални сточни пазари во Македонија остануваат затворени, а добитокот не смее да се транспортира без специјално одобрение од ветеринар.