Тутунопроизводството важно за Македонија, годишно се обезбедуваат 100 милиони евра девизен прилив

Производството на тутун добива се поголема стратешка важност за државната економија и е значителна ставка во полнењето на државниот буџет. На позитивните биланси после откупот на минатогодишната реколта, се надоврзуваат уште и нагорните трендови во вредноста на извезениот тутун. Така, од тутунот годишно се обезбедува 100 милиони евра девизен прилив. Растечката заинтересираност за тутунопроизводството за што говорат и зголемените засадени површини, ја мотивира владата да даде зголемување на субвенциите, а од ланската реколта воведен е моделот на субвенционирање на три нивоа, за прва класа 80, за втора 70 и 60 денари за килограм за трета, четврта и за дополнителните класи.

Последната реколта беше историски највисока, се постигна цена од 217 денари за килограм откупен тутун а земјоделците навреме ги добија и парите од предадениот тутун од ланската реколта. Минатата година, од регистрираните 9 откупни компании, откуп вршеа 8 и беа откупени 23.559.122 килограми тутун. Заради квалитетот на македонските тутун и понатаму е актуелен и баран и во соседните земји. Покрај веќе присутните осум компании кои вршат откуп на тутун, годинава се вклучи уште една, грчка компанија.

Економското и социјалното значење на производството на тутун е поддржано со бројката од 40 илјади семејства за кои е главен извор на егзистенција.

„Република Македонија се наоѓа на 30-то место по количеството на произведен тутун во светот, како и на 15-то место по вредноста на остварениот извоз на тутун во светски рамки. Најголеми увозници на тутун од Македонија се САД и Германија, односно тоа се мултинационални компании кои имаат фабрики во наведените земји“, вели проф. др. Златко Арсов од Катедрата за специјално полјоделство и тутун на Факултетот за земјоделски науки и храна.

И покрај неодамнешните прогнози дека јулското невреме лошо ќе се одрази врз годинешната реколта, сепак, подобрувањето на времето, продолжените топли сончеви денови добро ќе влијаат врз бербата а утринската роса се уште е мека. Покрај тоа, невремето го погоди само прилепскиот род, па приходот може да се намали само таму, но сепак ќе бидат исполнети очекувањата и прогнозите од мината година.

Тутунопроизводството има економско значење и нашава држава е познат производител на висококвалитетен тутун од ориенталски тип. Сето тоа самото по себе говори колку тутунопроизводството е важно за стопанскиот развој на државата и колку тутунот е влезен во калкулациите и проекциите за стопанскиот раст на земјата.


 

faktor

Share Button