Сточарите не ги даваат јагнињата за без пари

(Oвој напис е објавен на: February 23, 2017)

На кланиците на кои им се брза да го извезат месото пред католичкиот Велигден кој е на 27 март им остануваат само уште неколку денови да ги убедат одгледувачите јагнињата да им ги продадат по цена од 130 денари за килограм жива мера.

stocharite ne gi davaat jagninjata za bez pari

 

Традиционалниот извоз на јагнешко месо за католичкиот Велигден кој годинава е на 27 март, може да пропадне. Сточарите не се задоволни од понудената цена од 130 денари за килограм жива мера и не ги даваат јагнињата на кланиците. На кланиците пак, им остануваат само уште неколку денови да ги убедат одгледувачите да им ги однесат јагнињата на колење. Од кланиците велат дека повеќе пари не можат да дадат бидејќи Грција е презаситена со евтино јагнешко, а Италија и Хрватска веќе увезле големи количини јагнешко месо од Шпанија.
“Извозот ќе го блокираме. Одгледувачите не ги даваат јагнињата за понудената откупна цена. За Грција, која е земја каде што традиционално извезуваме, годинава не е отидено ниту едно јагне, а за Италија и Хрватска од понеделникот досега се извезени многу мали количини”, ни рече Ристо Михајловски од кланицата “Серта”.

Од двете струмички кланици “Струмица” и “Ново Село” велат дека немаат намера да ја зголемат откупната цена на јагнешкото, бидејќи во моментот таа е диктирана од цената што ја има ова месо на европскиот пазар.
“Досега се извезени само 10 проценти од планираните количини. Извозот треба да заврши најдоцна до 21 март и ако сточарите не ги дадат јагнињата по понудената цена, целото месо ќе ни остане дома”, ни рекоа од кланицата “Ново Село”.
Тодор Мушев од Националниот совет на одгледувачи на овци вели дека цената што ја нудат откупувачите е рекордно ниска во споредба со изминатите години.
“Лани јагнешкото го откупуваа по цена од 140 до 160 денари за килограм, а во 2014 ни плаќаа и до 170 денари за килограм. Ако не ја зголемат откупната цена, не планираме да им ги продадеме јагнињата. Дел ќе си зачуваме за расплод, а дел ќе ги продадеме на домашниот пазар”, вели Мушев.
Според груби пресметки, за една недела од Македонија се извезени околу 30 илјади јагниња, а предвидено е на европскиот пазар за католичкиот Велигден да завршат околу 130 илјади јагниња.

До 15 милиони евра годишен прилив од јагнешкото месо

Годишниот прилив од производството на јагнешко месо во Македонија се движи од 11 до 15 милиони евра. Најголемиот дел од јагнињата, околу 85 отсто, завршуваат на пазарите во странство, а со останатиот дел се покриваат потребите на домашниот пазар. Според статистиката, лани биле извезени околу 270 илјади јагниња, а слична била бројката и во 2014 година. Во 2013 извозот достигнал 272 илјади јагниња, а во 2012 биле извезени 222 илјади јагниња.