fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Странскиот ориз ни кокошките не го клукаат, а увозниците го препакуваат како кочански

Проценките се дека со ланските над 4.000 тони неоткупен ориз, залихите кои не се влезени во државните резерви ќе се зголемат на повеќе од 10.000 тони бел ориз или до 20.000 тони оризова арпа.

Во организација на Националната земјоделска мрежа и на Здружението на оризопроизводителите од Кочанско в недела на празниот пазар во селото Облешево, кој неколку години не работи со промет на ситен и крупен добиток кој е забранет, ќе одржи трибина на која по дискусиите за напластените проблеми во земјоделството ќе се донесат заклучоци со барања што ќе бидат доставени до надлежните министерства и институции од областа на аграрот, објави https://sdk.mk/

Трибината е резултат на револтот на домашните земјоделски прозводители, посебно на оризопроизводителите кои овој викенд завршуваат со годинашнава жетва,  незадоволни од доцната сеидба која донесе мали приноси, високите трошоци за ѓубрива и заштита, ниската цена на оризовата арпа и големиот увоз на ориз претежно од Индија, Пакистан, но и од соседните земји. Иако сите досегашни влади и министерства оризот го ставаат во групата национални стратешки култури, земјоделците велат дека на дело не го потврдуваат тоа.

„Пробавме, оризот ‘роналдо’ што се увезува од Грција и од другите соседни земји, ни кокошките не го клукаат. Исто е и со оризот што се увезува од Индија и Непал, неквалитетен и е далеку од нашиот кочански како признаен бренд. Затоа, има фирми кои го препакуваат увозниот ориз и го извезуваат во некои од соседните земји како кочански, а почна да се продава и во некои наши маркети“, вели претставникот на оризопроиводителите од Кочанско, Здравко Арсов.

За овој проблем говори и професорот Илија Каров, кој долго време ги следи состојбите со оризопроизводството и заедно со асоцијациите и здруженијата во оваа област бараат бројните малверзации што се прават со прометот на оризот да го потврдат и инспекторите со излегување на терен во маркетите. И обичен потрошувач, лаик од оваа област, може да го воочи слабиот квалитет на оризот кој се продава од 91 до 99 денари за едно пакување на кое стои декларација дека е кочански и дека е со крш до 15 проценти.

Ѓорги Каракашев од Националната земјоделска мрежа го потенцира крајно неповолниот откуп на оризовата арпа што се провлекува со години. Од друга страна, цвета увозот на неквалитетен ориз кој со ништо не може да се мери со домашниот. Увозот на ориз го лимитира откупот на домашниот ориз.

„Проценките се дека со ланските над 4.000 тони неоткупен ориз, залихите кои не се влезени во државните резерви ќе се зголемат на повеќе од 10.000 тони бел ориз или до 20.000 тони оризова арпа. И со откупната цена е катастрофа затоа што сега откупувачите го прифаќаат родот од оризопроизводителите од кои некои добиваат само празно ливче за примена килажа на оризова арпа, ама без цена. Таа е диктирана и од увозниците и од откупувачите кои истовремено имаат свое производство од илјадници хектари“, вели Каракашев.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close