fbpx
Вести

Медарите од Прилеп и Варна потпишаа Меморандум за соработка

Прилепското Здружение на пчелари „Братство“ со асоцијацијата на пчелари од регионот на Варна, Бугарија, во Прилеп потпиша меморандум за соработка.

Според Дејан Бошкоски, претседател на здружението на пчелари од Прилеп, ова е прв ваков меморандум со пчеларите од двете земји со цел воспоставување соработка и размена на искуства.

– Пчеларите од асоцијацијата од Варна дојдоа на наша покана да го потпишеме овој меморандум за соработка. На своевиден начин ова е збратимување на двете здруженија, од Прилеп и од Варна. Целта е да разменуваме искуства околу пчеларењето и во однос на законските регулативи зашто Бугарија е членка на ЕУ, а ние се стремиме кон тоа и кон усогласување на нашата со законската регулатива на Европската Унија. Очекуваме споделување искуства за тоа на кој начин државата помага, околу субвенционирањето, цената на медот, квалитетот, справувањето со нелојалната конкуренција, рече Бошкоски.

За Атанас Каракашев од асоцијацијата на пчелари од Варна Бугарија, ова е прва и очекува плодна соработка на здруженијата од двете земји.

– Ние ја опфаќаме целата област на Варна со две здруженија и со 250 пчелари. Целта е да ги разменуваме искуствата. Пчеларите од Прилеп сакаме да дојдат во Варна кога се организира европски фестивал на пчеларите и за производството на мед. Се прикажуваат нови технологии како повеќе да се добие мед од едно пчелно семејство. Ако во Прилеп се добива до 20 килограми од пчелно семејство, ние се стремиме кон производство на 40 килограми. Ние сме дел од Европската унија, доаѓаат кај нас големи фирми од Европа за медопроизводство и можеме да размениме контакти и искуства. Ова ќе биде плодна соработка за двете страни, вели Каракашев.

Годинава за македонските пчелари беше катастрофална поради временските неприлики и сушата. Во Прилеп каде има околу 150 пчелари, приносите беа многу ниски дури и до 90 отсто. Македонските здруженија и Федерацијата на пчеларите ја прогласија годинава за елементарна непогода и бараат тоа да го направат и институциите.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close