fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Илчо Богданов-Нашето грозје е поубаво од италијанското, а ни се откупува за џабе

Нашите лозари се жалат дека не можат да ја достигнат реалната цена за грозјето.

Секоја земјоделска година е добра за земјоделците, но не се добри откупните  цени!, вели Илчо Богданов (61) земјоделец  од село Радање во Општина Карбинци, еден од поголемите производители на грозје и жито во регионот.

Богданов е агроном и сопственик на Земјоделска задруга „Илинден“. Обработува  околу 180 хектари земјоделско земјиште од кои 160 хектари се под концесија. На 20 хектари подигнал лозови насади, првите во 2010 година, преостанатите  пред четири години. Сите ги наводнува со систем капка со капка.

Нема достапен опис

Поголем дел од насадите се засадени со сортата Вранец, а произведува  трпезно грозје како Мишел Палиер, Викторија и Афусали. Дел од родот вели  го пласира на домашниот пазар, но оди и за извоз. Задоволен е од последната берба со собрани 18 тони по хектар, но не и од откупните цени по кои бил откупен годинешниот род. За Вранецот добил 12 денари за килограм, а 10 денари за Смедеревката. Смета дека се нереални цените  и дека со тоа се уназадува лозарството како еден од значајните сектори во земјоделството, посебно производството на вино.

Нема достапен опис

Насекаде во нашето опкружување цената на грозјето е над 20 денари, наведува Богданов, според кого производителите  можат да произведат  квалитетно грозје, но се немоќни да добијат реална откупна цена за винското грозје.

Напоменува дека цените кај нас ги диктираат винариите кои ги детерминираат и условите за откуп поради што речиси секоја година нешто се менува, а тие се ставени во неизвесност.

Нема достапен опис

-Ако грозјето во една годината има шеќер, нема да одиме по шеќерни единици затоа што имаме многу грозје, но ќе го собереме целото. Следната година ако нема грозје и нема доволно шеќерни единици ќе се плаќа по шеќерни единици. Ние лозарите сме ставени во таква ситуација, вели Богданов и додава „Ако од  три  килограми грозје се добива еден литар вино од кое  може да  се направи уште еден литар, тогаш  каде има два литри вино за 36 денари? – Нема никаде“, пресметува Богданов во  разговор за „Зелена берза“.

Нема достапен опис

Подигнувањето и одржувањето на лозовите насади бара континуирани вложувања, додава нашиот лозар според чии пресметки за да се подигне  еден хектар со винова лоза потребни се од 15 до 20.000 евра како почетна инвестиција за да се дојде до производство. Потребна е и современа механизација за обработка, но и  наводнување, зашто како што вели, без вода нема живот за лозјата.

-Екстремно сушните години, како последната, кога не заврна капка дожд три месеци,  може да доведе да нема производство, ако нема наводнување. Онаму каде не се наводнива луѓето береа грозје кон крајот на август бидејќи ќе им се исушеше родот, истакна Богданов според кого нашето грозје  е далеку поквалитетно од  она што се произведува во Италија, но разликата е во откупните цени.

-Имаме повеќе сончеви денови кај нас, далеку поквалитетно е нашето грозје од на Италијанците, но работата е што кај нас секогаш имаме проблем со цената. Не можеме да достигнеме  реална цена. Може да се случи производната цена  да биде иста со откупната цена, се пожали Богданов. Овој проблем  допира до  болната точка  на лозарите. Кога нивниот род би се откупувал по реална цена тогаш и тие ќе можат да им платат повисоки дневници на берачите кои ќе  останат овде да берат грозје, а не да заминуваат на работа  во странство.

-Ако не знаеме што да правиме да отидеме во Италија, бидејки многу наши од овде сега работат таму и велат дека ги плаќаат 10-15 или 20 евра од час. Ако  тамошните сопственици на лозови насади плаќаат толку, значи таму има висока цена на грозјето, вели Богданов, прашувајќи се дали таму  државата  одвојува повисоки субвенции за лозарството и дали  производителите  имаат олеснувања за пласман на европскиот пазар како членка на ЕУ, бидејки трпезното грозје  како Мишел Палиер на тој пазар се плака 3 евра за килограм, а цената кај нас за два килограми е едно евро.

Нема достапен опис

Ако сака државата да има млади земјоделци, ако сака да има модерно земјоделство она што ние досега сме го сработиле да го наследат нашите деца  и за следните генерациите мора да се промени нешто, предупредува Богданов.

-Ако сакаме да ги задржиме младите кај нас да не одат во Италија нека дојдат во Радање и ако во Италија земаат 20 овде ќе земат 10 евра. Таму спијат по десет луѓе во една соба, одвоени од семејствата и се борат за два-три месеци да донесат дома по 1.000 или две илјади евра, а можат добро да заработат и овде и тоа без проблем и ќе ги трошат парите со семејството, порачува  Богданов.

За модернизација и развој на едно земјоделско стопанство потребни се инвестиции. Како и во секоја земјоделка гранка неопходни се и  во лозарството. Секоја инвестиција е трошок кој подоцна се исплатува, вели нашиот искусен  земјоделец.

-За сечење на прачките со години ангажиравме луѓе, сега тоа се врши со машинки и завршуваме  многу побрзо. Прачките ги сечеме на 5-6 сантиметри, тоа останува во почвата и имаме промена на структурата на почвата. Во делот на поткратување правевме големи трошоци за подврзување на ластарите. Купивме машина за сечење на зелена маса. Еден човек со таа машина за еден ден ќе ја заврши работа на пет луѓе што ќе работат десет дена. Јас машината ја исплатив  за една година, наведува Богданов кој  веќе крои нов план да купи  и комбајн за берба, но половно.

-Ако земеме комбајн сме завршиле голема работа. За берба плаќаме од осум до 10.000 евра, а за три години ќе го исплатиме комбајнот, пресметува тој.

Нема достапен опис

Успешна есенска сеидба на ораниците на земјоделска задруга „Илинден“

На ораниците на земјоделската задруга „Илинден“ во Радање  заврши есенската сеидба. Во оптималниот рок на 165 хектари се посеа јачмен и пченица. Лебното  жито на 80  хектари. Временските  услови се потврдија како поволни за сеидбата. Во оваа земјоделска година на нивните блокови се жнееле приноси по 3.5 тони од хектар. Главно задругата ги снабдува со  јачмен  сточарите – кооперанти од сите села на Плачковица. Богданов вели сеидбата  била поскапа од лани поради зголемените трошоци на производство.  Неочекуваниот скок  на цената на пченицата на пазарот не го изненади  Богданов и доколку се задржи и понатаму ќе биде  реална цена.

-Лани за ѓубриво во гранули плаќавме по 1.250 денари, а сега цената  е 2.200 денари. Нафтата, ланската година беше 47 денари за литар, а сега е 67 денари и сигурно и препаратите за плевели не се продаваат по 700  денари, туку  можеби и за 200 денари  поскапо. И со овие 15 денари за килограм жито ќе бидеме само во позитивна нула, вели  тој.

Богданов е оптимист дека од земјоделство може добро да се живее, само треба  вредно да се работи. Да се има мерак-како што вели. „Ако  земјоделецот  работи  на нивите со мерак не може да промаши родна година“. Тоа  впрочем е и неговото мото по кое се води две децении откако  ја напуштил работата во земјоделскиот комбинат и одлучил да  регистрира своја фирма.

Богданов е со намера да го заживее и селскиот туризам, па го промовира природниот потенцијал и убавините на селата во Плачковица. Ресторанот „Камник“ е почеток на новата приказна, гостопримливост за сите добронамерници кои патот ги донел во село Радање, а симболиката е  кањонот  Камник – природна  атракција под падините на  Плачковица  и се  наоѓа  на пет километри од селото. Специјалитет на куќата е пастрмајлија, и како што вели Богданов, штипска, само повкусна од чистиот планински воздух.

 

Јулија Малинова за Зелена берза

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close