Во тек е поднесуваето барања за субвенции за втора фаза предадено овчо, козјо и кравјо млеко

(Oвој напис е објавен на: June 10, 2019)

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги известува сите млекопроизводители дека започна поднесувањето на барањата за субвенции за предадено овчо, козјо, и кравјо млеко, втора фаза односно за произведено и предадено млеко во месеците јануари, фебруари, март и април од 2019 година.

Барањата за искористување на финансиската поддршка млекопроизводителите може да ги поднесат електронски самостојно од нивен компјутер на исти начин како за прва фаза млеко односно оние фармери кои имаат потреба од помош за креирање на барањата може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство или во Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството најдоцна до 15-ти јуни 2019 година. Висината на поддршката за произведено и предадено млеко овчо и козјо млеко изнесува 4,5 денари по литар, додека за кравјото млеко поддршката е 3,5 денари по литар произведено и предадено млеко на преработувачки капацитети.

Вoедно Агенцијата ги потсетува и останатите земјоделски стопанства дека во тек е поднесувањето на барањата за субвенции за 2019 година, рокот ќе трае до 30 јуни. Овој период се поднесуваат единствените барања по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019- та година, односно за директни плаќања за растително производство и тоа за површини со поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади како и за сточарско производство и тоа за одгледување на говеда, овци, кози, пчели, свињи, и за заклани животни во кланица.

Барањата, како и за млекото се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите. Оние земјоделски стопанства кои не можат сами да креираат барање помош може да побраат од вработените во подрачните единици на АПРЗ и на МЗШВ.