fbpx
ВестиТоп вести

СТРИЖЕЊЕ НА ОВЦИ ВО АТАРОТ НА НЕКОГАШНОТО СЕЛО СУВОДОЛ

 

 

Селото Суводол како и соседните села Биљаник и Врањевци претставуваат населби кои се исчезнати од лицето на земјата. Со  нив судбината чудно си поиграла. Исчезнувањето не се случило во некоја катаклизма или пак друга природна непогода туку тоа било плански изведено и организирано од страна на човекот. Причина за тоа било што под овие села имало големи наслаги на јаглен  т.н.  црно злато кои биле неопходни и потребни како погонско гориво за термоелектраната РЕК Битола при производството на електрична  енергија.

Членовите на семејството Божиновски некогаш живееле во селото Суводол кое во одреден период морале да го напуштат. Сепак љубовта кон родниот крај допринела ова семејство последно да го напушти селото непосредно пред настапувањето на големите багери. Конечното заминување  од овој крај и од родното огниште за нив не било исправна опција, па затоа решиле да подигнат ново на парцела во нивна сопственост. Таа се наоѓала во атарот на селото, но била поштедена и не била планирана за вршење на ископ. Тоа се случило во 1992 година каде што Мендо Божиновски покрај изградба на живеалиште направил и придружни објекти за одгледување на овци. Тоа било занимање кое го практикувале со генерации. Тој денес има околу 150 глави на овци за кои совесно се грижи обезбедувајќи благосостојба на животните. Како една од операциите за квалитетно одржување на стадото претставува и стрижењето на овците.

Покрај месото и млекото, волната претставува еден од примарните производи кои се добиваат од одгледувањето на овци. Волната претставува покривач на телото на овцата составена од волнени влакна кои испреплетени создаваат целина која се вика руно.

Стрижењето на овците се врши секоја година и тоа кога времето е топло и суво, а тоа обично почнува од крајот на април или почетокот на мај. Во случај на нагло спуштање на температурата овците после стрижење треба да се чуваат во затворена просторија. Стрижењето може да биде рачно или машински. Најпримитивен и најтежок  начин е рачното стрижење кое што се врши со ножици специјално дизајнирани за таа цел. При ваквиот начин на стрижење е потребно големо внимание од можното предизвикување на повреда на кожата при што може да дојде до навлегување на разни микроорганизми во истата. Како последица на тоа може да се случи и развој на разни инфекции. Машинското стрижење за разлика од рачното е многу подобро и побрзо и овозможува рамномерност при што руното не се распаѓа и е полесно за сортирање. Исто така и ризикот од повреди при извршување на оваа операција е сведен на минимум.

Со стрижењето се овозможува полесна терморегулација на телото, се забрзува метаболизмот, се подобрува апетитот со што се подобрува продукцијата на месо и млеко. Исто така се смалува и можноста од задржување на кожни паразити.

Денот кога се врши стрижењето е придружен со многу адети кои Мендо Божиновски ги наследил од претходните генерации. На денот кога тоа се прави, тој покрај луѓето кои се ангажирани и допринесуваат за успешното извршување на оваа задача, тој кани и дел од неговите пријатели да присуствуваат на овој несекојдневен настан. Еден од адетите за да се задржи традиција од минатото тој покрај машинското стрижење применува и рачно стрижење. Тоа обично го прави на парот  бравови кои ги поседува. Откако стрижењето ќе заврши лицата кои активно учествуваа во тоа ги мијат своите раце со вода од сад во кој покрај чистата бунарска вода има и ореови лисја. После тоа се врши традиционално пукање во воздух со ловечка пушка која домаќинот легално ја поседува.

Последен настан во кој доаѓа до израз гостопримливоста на семејството претставува печеното јагне со кое што тој ги послужува присутните. Пред истото да се подели како последен адет кој што се врши претставува кршењето на јагнешката глава од страна на домаќинот на куќата.

Подготвил: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close