
Македонскиот тутун – стратешки ресурс што државата мора да го штити!, анализа на Цане Божиноски
Фактите се конкретни: 99 % од производството на македонскиот тутун се извезува. Девизен прилив од околу 200 милиони евра годишно. Десетици илјади семејства во руралните средини зависат од оваа култура.
Македонскиот тутун – стратешки ресурс што државата мора да го штити!
Во време кога се зборува за индустриска трансформација и нови технологии, еден традиционален производ и понатаму носи силен глобален печат – ориенталниот тутун од Македонија. Мал по обем, но со огромна додадена вредност, тој е еден од ретките македонски земјоделски производи со вистинска светска репутација.
Македонија е меѓу водечките производители на ориентален ароматичен тутун – специфична сорта што се користи во премиум мешавини поради својата фина текстура, природна сладост и препознатлива арома. За разлика од масовните производители на крупнолисни тутуни, гиганти како САД, Бразил и Индија македонскиот тутун не се натпреварува со количина – туку со квалитет.
Фактите се конкретни: 99 % од производството се извезува. Девизен прилив од околу 200 милиони евра годишно. Десетици илјади семејства во руралните средини зависат од оваа култура. Македонија е значаен снабдувач на ориентален тутун за пазарот на САД, Европската Унија и азиските производители. Ова не е обична земјоделска гранка. Продуцира економска стабилност, регионален развој и социјална кохезија.
Во многу региони во Македонија, тутунот е главен извор на приходи и директен амортизер против сиромаштија и миграција. Затоа, обврската на државата е јасна. Ако сакаме да задржиме глобална позиција во сегмент каде веќе имаме компаративна предност, потребни се: стабилна и предвидлива аграрна политика на тутунопроизводството, заштита на македонскиот ориентален тутун како препознатлив бренд. Во свет каде уникатните и висококвалитетни производи носат најголема маржа, напуштањето или занемарувањето на тутунот би било економска кратковидост. Наместо тоа, државата треба да го третира како стратешка извозна култура.
Македонскиот тутун не е остаток од минатото. Тој е конкурентна предност на сегашноста – и потенцијал за иднината.
Прашањето не е дали има место на светскиот пазар. Прашање е дали ќе имаме визија да го задржиме таму?
Пишува Цане Божиноски, добар познавач на домашната и меѓународна легислатива во тутунопроизводството.



