fbpx
Вести

Студот и снегот не ги изненадија, сточарите подготвени

Сточарите ги подготвија шталите за зимски услови. Оние кои имаат повеќе грла добиток и кои професионално се занимаваат со сточарство ги знаат условите под кои треба да се чува и храни стоката во зима. Тие велат дека ако немаат соодветни услови во шталите ниските температури може да бидат погубни за стоката.

Од Асоцијацијата на земјоделци и одгледувачи на свињи велат дека засега стоката не е во опасност бидејќи се уште нема екстремно ниски температури.

– Сточарите знаат дека навремено треба да им обезбедат вода и храна на животните за да ги задоволат нивните потреби. Ако нема услови нормално стоката ќе изумре. Доколку има екстремно ниски температури, тогаш треба да се преземат вонредни мерки, како затоплување на шталите, повеќе храна…, вели претседателот на Асоцијацијата на земјоделци и одгледувачи на свињи, Ефтим Шаклев. 

Од Агенција за храна и ветеринарство поради ниските температури и снегот на одгледувачите на животни им препорачуваат навремено да обезбедат вода и храна за животните во количества доволни за задоволување на потребите на сите животни на одгледувалиштето во траење од најмалку две недели.

Храната треба да е со соодветна хранлива вредност и соодветна на видот и категоријата на животни кои се чуваат на одгледувалиштето. На животните не треба да им се дава смрзната храна, а препорачливо е да се зголеми вообичаената дневна доза на храна која им се дава на животните, особено кај гравидните животни за да можат да ја одржуваат телеснатa температура.

-Животните не можат, а не треба своите потреби за вода да ги обезбедуваат преку лижење мраз или снег, затоа треба да се обезбеди свежа вода за пиење, која е на соодветна температура. За таа цел препорачливо е одгледувачите навремено да се снабдат со доволен број на корита, кофи и слично за, доколку има потреба, да ги употребат за напојување на животните При појава на екстремно ниски температури проследени со силен ветер и снег животните треба да се држат затворени во објектите/шталите, или да им се обезбеди соодветно засолниште. Во овој случај треба да се внимава на хигиената во објектите, редовно да се чисти ѓубрето и да се заменува валканата простирка со нова, наведува АХВ.

Доколку не постои можност веднаш да се засолнат животните, привремено може да се употребат ќебиња или друг вид прекривки за нив, при што треба да се внимава прекривките во секое време да бидат суви, Треба да се следи здравствената состојба на животните и почесто од вообичаено да се посетуваат и набљудуваат.

Животните кои даваат млеко треба да се измолзуваат редовно во вообичаените интервали. Кругот во одгледувалиштето и пристапните патишта треба редовно да се чистат од снегот или мразот,

Особено внимание треба да им се посвети на помалите, младите категории и болните и повредени животни, а одгледувачите треба да се во комуникација со ветеринар за дополнителен совет или за интервенции доколку е потребно.


vecer

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close