Субвенции од 46 милиони евра за тутун, лозја и полјоделски култури
Тутунот, полјоделските култури и лозовите насади се топ-три земјоделски производи за кои лани најмногу се исплатени субвенции. За трите државата одвоила речиси 46 милиони евра. Од нив прв на листата е тутунот со речиси 25 милиони евра, за градинарски култури одвоени се 12 милиони евра и за лозови насади одвоени се 9 милиони евра.
Во платежната Агенција велат дека распределбата е слична и годинава, но со мали измени. Според годишнава програма субвенции за 30 отсто поголеми ќе добијат сите земјоделци што наместо полјоделски култури ќе одгледуваат градинарски. Дополнителни 4.800 денари по хектар ќе добијат и сите земјоделски стопанства кои имале над 4 тони принос пченица и 3 тони на јачмен. Годинава дел од колачот за субвенции ќе добијат и одгледувачите на кокошки и сите што родот ќе го дадат на регистрирани откупувачи. Од 140 милиони евра колку што се предвидени за исплата, повторно тутунот, но и сточарското производство се сектори кои најмногу ќе земат субвенции. За тутунско производство планирани се 30 милиони евра, а за сточарско производство 18 милиони евра. Речиси 8 милиони ќе легнат на сметките на сите земјоделци што се во секторите за одгледување говеда, овци и кози, a 13 милиони евра за одгледувачите на полјоделски култури.
Тутунот и натаму на прво место
Во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделство и рурален развој велат дека за реализација на Програмата годинава се одвоени се вкупно 6.320.000.000 денари кои ќе се исплатат на земјоделските стопанства за директни плаќања за растително и сточарско производство. За тутунот повторно се одвоени најмногу пари. Пари има и за помош за премии и осигурување, помош за заштита на земјоделско земјиште и помош за одделни категории носители на земјоделски стопанства.
Билјана Вуковиќ, директор на Платежната агенција вели дека годинава поддршката за земјоделските е генерално на исто ниво од 2015 година без посебно зголемување по одделни сектори.
Новина е што годинава дополнителни плаќања од 4.800 денари по хектар ќе има за земјоделски стопанства кои имаат засеани површини со поледелски култури со големина од 10 до 50 ха и оствариле приноси најмалку 4т/ха пченица или Зт/ха јачмен или рж. Исто толку ќе добијат и тие кои производството го продале на регистрирани откупувачи. Дополнителни плаќања од 30 отсто ќе има за градинарски култури, лозови и овошни насади за земјоделски стопанства кои во претходните години одгледувале поледелски култури изјави неодамна за „Дневник” Вуковиќ.
Според неа, во поддршката на сточарското производство воведено е директно плаќање од 100 денари за секоја купена и внесена несилка во одгледувачница на кокошки несилки за производство на јајца.
Над 30 милиони евра за рурален развој
Според податоците од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството најголем дел од субвенциите или 50,6 милиони евра беа наменети за растителното производство, a 34,1 милиони евра се предвидени за субвенционирање на сточарството. Од дополнителната поддршка за развој на земјоделството, над 326.000 евра изнесуваат субвенциите за премии и осигурување, помошта за заштита на земјоделско земјиште годинава ќе изнесува 32.000 евра. Помошта за одделни категории носители на земјоделски стопанства 2,45 милиона евра, додека директната финансиска поддршка за помош во сточарскиот сектор 163.00 евра. За материјални трошоци за спроведување на програмата се одвоени 245.000 евра.
Дополнителна помош од 5 проценти ќе добијат регистрираните земјоделци кои имаат земјоделско стопанство, a 10 проценти поголеми субвенции ќе има за младите фармери.