fbpx
Вести

Субвенциите без ефект врз квалитетот на производството

Македонија има идеални услови за производство на основните прехранбени производи, но наместо тоа и покрај субвенциите што државата ги издвојува за поддршка и развој на земјоделството, наместо да се намалува од година во година се зголемува увозот на храна.
И податоците од Анализата на Европската Унија за влијанието на субвенциите врз земјоделството во Македонија, покажаа дека има нарушување на рамнотежата во размената со странство во овој сектор.
Анализата покажа дека субвенциите го зголемиле земјоделското производство, но не и квалитетот на производите. Државната помош, како и финансирањето преку европските кредитни линии биле причина за поголем раст во сточарството и производството на зеленчук и овошје, но не и кај пченицата и кај другите житни култури.
Токму затоа експерти од Европа порачаа дека македонските земјоделци ќе треба да работат на подобрување на квалитетот на своите производи, за да бидат конкурентни со увезените.
Според анализата во Македонија, околу 60 отсто од земјоделските стопанства се мали, под еден хектар. Од нив само еден отсто почнале да растат во изминатите години.
Анализата покажала и дека податоците за обработливото земјиште од различните бази на податоци не се совпаѓаат, а некои површини и воопшто не се регистрирани. Сличен е случајот и со пасиштата кои, како што беше сугерирано, ќе мора поконкретно да се дефинираат.
Во периодот 2014 -2015 година со помош на субвенциите за 20 отсто се зголемил просечниот бруто-приход на фармите, но не и нивниот физичкиот обем. Генерално, оние фарми што добивале субвенции ја зголемиле продуктивноста, а имале и повисоко ниво на тековни средства. Во периодот, пак, 2009 – 2015 година, како резултат на субвенциите раст на производството е забележан кај овошјето и зеленчукот, но кај житата и индустриските култури трендот бил негативен. Исто така, е евидентиран дисбаланс во размената. Извозот бележел зголемување, но увозот растел многу побрзо.
ЕУ експертите укажуваат и на фактот дека е многу битно да се подобри квалитетот на локалните производи, тие да бидат добри колку што се добри оние што се увезуваат.

 


 

вечер

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close