fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Субвенциите и високите цени примамија нови компании кои ќе произведуваат пченица и сончоглед

Изминатиов период се забележува дека има драстично зголемен број на новорегистрирани компании во областа на одгледување житни култури и маслодајни семиња во Централниот регистар.  

Се повеќе компании и граѓани се насочија кон земјоделството, особено во последниве месеци откако почна кризата во прехранбената индустрија. Сепак, неизвесно е дали растот на цените на основните прехранбени производите или субвенциите се главен поттик кај компаниите за ориентирање кон земјоделството. Изминатиов период се забележува дека има драстично зголемен број на новорегистрирани компании во областа на одгледување житни култури и маслодајни семиња во Централниот регистар, пренесува Фактор.

Потврда дека има зголемен интерес за отоврање нови фирми кои сакаат да се испробат во областа за обработка на земјоделско земјиште пристина и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Нашите информации согласно податоците од Единствениот регистер на земјоделски стопанства (ЕРЗС), кој го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), говорат дека оваа година благодарение на мерките кои ги донесе МЗШВ имаме зголемен број на пријавени правни субјекти. Во април 2022 година бројот на запишани правни лица е зголемен за 50 отсто во однос на истиот период во 2011 година – велат од МЗШВ.

Од Министерството дополнуваат оти условите кои треба да ги исполнат компаниите за да добијат субвенции се исти како и за земјоделските стопанства, а основен услов е да бидат регистрирани во ЕРЗС.

-Со измената на Уредбата за директни плаќања според која од денеска започнува пријавувањето на сите субјекти кои аплицираат за субвенции, критериумите се многу поволни и мотивирачки па затоа и интересот е зголемен, што значи дека мерките даваат резултати – потенцираат од Министерството.

Од МЗШВ истакнуваат дека согласно нивните очекувања производството на житни култури и сончоглед треба да се зголеми од 20 до 30 отсто во зависност од производниот регион и можностите за наводнување.

Инволвираните во земјделството посочуваат дека единствена мана со зголемениот интерес за отворање фирми во областа е кампањското работење, кое може да ги намали цените и повторно да доведе до намалено производство.

-За земјоделството е карактеристично да се зголеми интересот за засадување нови култури ако се зголемат цените. Кампањските тенденции во земјоделството се познати, но тоа е на штета на сите учесници. Потребни се политики кои ќе ги договорат сите чинители и кои ќе се почитуваат, а кои ќе овозможат долгорочно планирање и договорање околу засадените површини, и целите кои сакаме да ги постигнеме. Маната во кампањско садење на одредени култури е краткотрајноста. Ваквите тенденции не опстојуваат долг период, па можно е следната година, ако состојбата се стабилизира и на пазарите повторно има поевтина понуда од странство, да се напуштат овие тенденции на зголемен интрес. Ако се направи сеопфатена стратегија и со неа се дефинира колку ќе се засадува од одредена култура, било да станува збор за пченица, пченка, јачмен, маслодајна репка, шеќерна репка, сончоглед… тогаш тие планови треба да се почитуваат и да се реализираат согласно договореното. Со добар план може да се обезбедат и доволно количини од потребните производи и за производство на млеко и млечни производи, а оттаму и месо – вели претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски.

Според нашиот соговорник непознавањето на работата со одредени култури може негативно да се одрази врз производството бидејќи и земјоделството, или обработката на земја и производството на одредена култура сака знање и искуство.

-Непознавањето на работата носи ризик од несупех. Заинтересираните треба да знаат за која култура кое земјиште е најсоодветно, а прашање е дали имаат и како планираат да го најдат соодветното земјиште и соодветната локација за одгледување на културата која планираат да ја засадат. Дополнително дали новоформираните компании ќе знаат како да ја обработат земјата, дали ќе имаат соодветна механизација, дали ќе знаат какви ѓубрива се користат во конкретен случај и многу други финеси треба да проучат ако се одлучат за земјоделството. Добро е што има поголем интерес, но ќе биде потребно да се комбинира со знање и искуство за да вроди со резултати, во спротивно ризикот од неуспех е многу голем – додава Станковски.

Од Министерството за земјоделство посочуваат дека за добивање субвенции за поледелските култури корисници кои во производна 2021/2022 година имаат засеани и ожнеани површини со поледелски култури со пријавена површина над 1 хектар збирно за следните култури: јачмен, пченица, рж, овес и сончоглед, а се корисници од подмерката 1.1. оствареното производство да е продадено во преработувачките капацитети вклучително и произведените жита за потребите на сопствениот преработувачки капацитет, а запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи. Висината на поддршката е условена со остварени просечни приноси над 4.000 килограми за хекатар пченица, 3.000 килограми за хектар јачмен, 3.000 кг/ха за рж, 3.000 кг./ха за овес и 1.500 кг./ха за сончоглед. Висината на директните плаќања за засеана површина со јачмен, пченица, рж, овес и сончоглед изнесува 5.760 денари по хектар.

Програмата за спроведување на Интервентниот фонд во земјоделството предвидува поддршка за полјоделско производство, за набавка на вештачко ѓубриво за стратешките култури, како пченица, јачемен, пченка и сончоглед предвидува корисници на оваа мерка во производната 2021/2022 година да имаат засеани површини со пченица, јачмен и пченка како и имаат набавено вештачки ѓубрива за прихрана на посевите во период од 1 декември 2021 година до 31 мај 2022 година.https://faktor.mk/drastichno-zgolemen-interesot-za-rabota-n-niva—subvenciite-i-visokite-ceni-primamija-novi-kompanii-koi-kje-proizveduvaat-pchenica-i-sonchogled

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close