fbpx
Вести

Шумските плодови од Кожуф – здравје и заработка

Здравје и по некој денар плус им носат во џебот шумските плодови, на малкуте жители во поткожувските села. Чукаат и носат лековити смрекинки, двајца дневно можат да наберат и по сто килограми и да заработат по неколку илјади денари. Велат дека е ова исплатлива работа за нив во време кога немаат друга сезонска работа како грав, мороска или компир.

– Да одиме некаде аргати да бериме грозје и да ни тријат сол на главата, не сакаме. Тука колку можеме да си набериме, толку. Работиме од 6 насабајле до 17 часот. Никој не не брка колку да брзаме. Тие пари не ни ги даваат на друго место. Ова е како директорска плата, само што не седиме во фотеља ами постојано работиме и сме во движење, знаат да кажат искусните берачи.

Се интересиравме како дошло до тоа да се занимаваат со оваа работа.

– Уште како дете ја знаеме смрекинката. Маката ни го покажа овој пат. За два месеца од смрекинки може да се заработи колку да сме работеле десет декари лозје. Згора на тоа не мора да ги молиме винарите да ни дадат пари за продадено грозје, коментираат тие.

Ги берат во полето, каде што некогаш биле селските ниви. Ги откупува фармацевтската индустрија. Не раѓаат секогаш, ами на неколкуте години.

– Маваме по гранките со стап за да паднат плодовите во тркалезна форма кои имаат буцки. Ги носиме дома па ги чистиме со сито на ветерот, за да бидат само зрна. Понекогаш користиме и други начини, постојано сме сконцентрирани на тоа како да си ја олесниме работата. Еве како што гледате годинава зедовме и голем вентилатор од градот кој ги дува ситните гранчиња или ливчиња за да останат само плодовите. Потоа доаѓа откупувачот и ги зема од дома. Работата е тешка, а има и многу прашина, ама се навикнавме, ни кажаа некои од нив.

Имаше и такви кои со насмевка коментираа дека тие како да се на печалба во странство за време на сезоната на смрекинки.

– Уживаме во природа. Кога седиме на смрекинките како на душек да си седиме, ни рекоа.

Кажаа дека во странство смрекинки за шмек ги ставале и во јадењата. Овде некои ставаат во ракија, па се мачкаат или пијат од неа за здравје. Тие ќе берат, додека да падне снег и дополнително ќе заработат.

Се хранат здраво, од производи добиени по еколошки пат, па затоа се надеваат дека и долго ќе живеат.

По боровинки наместо пред компјутер

Додека голем број на луѓе залудно го трошат времето пред компјутер или се уште спијат не можејќи да се свестат од забавата од претходната вечер, мажи, жени и деца со години наназад берат боровинки на Кожуф до доцна есен и смрекинки дур падне снег. Ним не им претставува проблем ниту лошото време, ниту спиењето со денови во дивината, ниту напорното пешачење и до дваесетина километри за берба и барање извор за вода, ниту напорот кој го вложуваат додека со таканаречениот чешел ги собираат плодовите од природата.

– Цената на боровинките варира од сезона до сезона, но факт е дека во убави години, од таа работа може да се заработат директорски дневници. Дневно во просек можат да се наберат од 30 до 50 килограми во година кога има добар род. Професионалец во такви услови може да набере и до седумдесет килограми. Но во слаби години, овие количини се значително помали. Дете може да набере помалку, ни рече 24-годишниот Дарко Најдов од поткожувското село Горна Бошава, кој и самиот со години наназад има берено боровинки. Но, ни нагласи дека кога родот е помал тогаш треба многу повеќе да се оди и да се бара низ планината. Најдов до неодамна беше кмет на селото, а сега повторно е во опција за да биде член на месната заедница.

Набраните количини или се продаваат директно во планината, или се носат со трактор во соседното село Крњево, на откупен пункт.

– Се случувало низ годините наназад да береме на околу 15 километри земјен пат над селото Чемерско, а со тракторот до Крњево да возиме околу 3.5 часа во еден правец, ни кажа Најдов кој е дипломиран професор по географија, со запишана магистратура за хидрогеологија.

Она што е посебно интересно, велат берачите, е фактот што во планината се развива братство и единство, по боровинки во дивината заедно одат луѓе од македонска, но и од албанска националност. Тоа е, велат, доказ дека во добрите години во бербата не учествува само локалното население од петнаесетината села, туку и луѓе кои доаѓаат од други краеви. Кога годините се погодени, се спие во делови од планината, за во текот на деновите да се набере што е можно повеќе.

 


ПОЧЕТНА

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close