fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

СУША! Земјата нит се ора нит се сади, што ли ќе јадеме догодина?

Во старт доцниме со сеидбата, а ако времето и натаму остане суво се плашам дека голем дел од површините ќе останат непосеани, вели Петре Стојаноски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

Есенската сеидба речиси и да не почнала. Земјоделците се жалат дека поради сушата голем дел од површините може да останат непосеани што навестува дека следната година ќе произведеме помалку пченица од вообичаеното.

– Ако порано се жалевме на високите цени на семенскиот материјал, на ѓубривото и нафтата, дека имаме недостиг од нив, годинава ги имаме иако цените вообичаено се високи, но немаме дожд за успешна сеидба. Во старт доцниме со сеидбата, а ако времето и натаму остане суво се плашам дека голем дел од површините ќе останат непосеани – вели Петре Стојаноски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

Тој додава дека не може да каже кога ќе заврши сеидбата и колкав дел од површините ќе останат непосеани.

– Чекаме да заврне, почвата е сува и има проблем зрното да изрти, а тоа е несигурност кога ги одвраќа земјоделците да го завршат овој важен процес. Голем дел од нив ќе се откажат есенва да сеат некоја култура, па ќе чекаат напролет да засеат нешто за да можат да преживеат следната година – додава тој.

Земјоделците се жалат дека поради сушното време имаат проблем и со заорување на земјата.

– Рокот за почеток на есенската сеидба одамна помина, но јас уште не сум ги изорал површините. Земјата е пресушена, тврда. Чекам да врне неколку дена за да можам да го завршам овој дел од сеидбените подготовки. Ќе доцнам со сеидбата, а тоа значи дека семето подоцна ќе про’рти и ако нема доволно влага може и да не никне или да не биде доволно здраво растението и подготвено за зимата. Сето ова не оди на добро за моето производство и за приносите. Ако нема квалитетен род и продажбата ќе биде во прашање – вели земјоделец од Пелагониско.

Според агрономите, од година во година поради климатските промени не може секогаш да се испочитуваат роковите за извршување на есенската сеидба што подоцна влијае и на квалитетот на производот и приносите. Годинава проблем е сушата.

– Сеидбата ќе биде успешна ако се запазат оптималните услови: рокови за сеење, избор на сорта, квалитет на семе, временски услови, квалитет на почва, влага и прихрана. Есенската сеидба се прави 45-60 дена пред да настапат многу ниски температури. Ова е многу важно бидејќи на зрната семе им е потребна топлина додека изртат. ’Ртењето е најосетливата фаза. Кога нема топлина оваа фаза е успорена, но и преголема топлина не е добра бидејќи семето брзо ќе поникне и нема да може да ги поднесе ниските температури во зима – вели агроном.

Според него, во вакви услови важно е да се избере вистинската сорта на житарката која може да даде добри резултати и при вакви услови.

Оптималниот рок за сеидба во наши услови е од 10-25 октомври. Сеидбата пред овој рок може да доведе пченицата да прерасне и на тој начин и се намалува отпорноста за презимување. Секое задоцнување на сеидбата може да доведе до намалување на приносот и на квалитетот на пченицата. Кај нас во поголем дел имаме многу доцна сеидба која се реализира од 10 ноември па и во декември.

Плусинфо побара податоци од Министерството за земјоделство за тоа до каде е есенската сеидба, на колкави површини ќе биде застапена пченицата и какви приноси се очекуваат со оглед на климатските промени и сушниот почеток на сеидбата, но не доби одговори.

Според статистиките, од вкупните обработливи површини во земјава под житни култури се 38,98% или 160 988 хектари од кои пченица во просек е застапена на околу 70.515 хектари. Просечното производство на пченично зрно е 243.000 тони.

Домашното производство задоволува околу 55 до 60% од потребите. Останатата количина сè уште се обезбедува од увоз.https://plusinfo.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close