Репортажа Галичица, зелената убавица прегрната од двете езера
Кон крајот на 2019 година, беше оценето дека Паркот на годишно ниво го посетуваат приближно 100.000 посетители, оваа година заради ситуација се забележува драстичен пад на бројот на посети.
Галичица, планинска убавица чии возвишени врвови се прегрнaти од двете езера, Охридското и Преспанското Езеро. Планината нуди несебично уживање за љубителите на природата, рекреација, планинарење, обележани патеки за велосипедисти, стази за скијачите, како и распослани ледини и изобилие на лековити билки, неповторливи пејзажи.
Заради особените природни убавини и карактеристичниот растителен и животински свет еден поголем дел од неа, на површина од 22.750 хектари, во 1958 година, е прогласен за национален парк.
Околу две третини од Паркот е вклучен во границите на Светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, впишано на листата на Светско културно и природно наследство на УНЕСКО.
До лани по 100.000 посетители на Галичица, годинава 80 проценти помалку
-Според податоците кои ги добивме со изработката на Студија за вреднување на екосистемските услуги во рамките на Националниот парк Галичица, кон крајот на 2019 година, беше оценето дека Паркот на годишно ниво го посетуваат приближно 100.000 посетители. Дел од овие посетители доаѓаат само заради Паркот, други доаѓаат за одмарање покрај езерото, но искористуваат дел од својот одмор за прошетка на планината, а трети доаѓаат заради фактот што градот и неговата околина се запишани на листата на УНЕСКО. Само за илустрација, според истражувањата за оваа студија, дури 75% од посетителите кажале дека го посетуваат регионот токму заради УНЕСКО статусот.
Но, сепак, мора да се истакне дека во последните неколку години е забележан тренд на промена на желбите и интересите кај посетителите, при што се поголем број од нив се заинтересирани за активности на отворено, а не само посета на добро познатите охридски плажи. Тоа е секако нешто што Галичица како Национален Парк и тоа како го поседува и нуди, вели Васко Паскали, директор на НП Галичица во разговор за „Зелена берза“.
Но, според Паскали на почетокот на 2020 година, заради кризата со пандемијата на КОВИД-19 и мерките кои беа преземени за заштита, туристичките активности, посети и приходи забележаа драстичен пад.
-Според нашите финансиски предвидувања, очекувавме бројот на туристи (приходи) да се намали најмалку за 70% во споредба со минатата година. Споредбено со ланската година, годинашниот број на туристи е намален за скоро 80%. Меѓутоа морам да истакнам дека сепак очекуваме дека месец август ќе биде подобар и дека некако ќе успееме да го достигнеме она што го предвидовме, т.е. намалување на туристите за 70%, што беше истовремено предвидување и на Светската Банка за туристичкиот сектор годинава, вели Паскали.
Сите атракции на Галичица
Паркот се наоѓа во југозападниот дел на Македонија, на планинскиот масив Галичица, вклучително и делови од нејзините ограноци Исток и Петрино, како и островот Голем Град во Преспанското Езеро. Големите отворени површини кон Охридското и Преспанското Езеро ја ограничуваат од исток и запад, и придонесуваат во нејзиното јасно визуелно одвојување како засебна целина. Надморската височина на планинскиот масив Галичица во Македонија се движи од 695 м.н.в. (нивото на Охридското Езеро), односно 850 м.н.в. (нивото на Преспанското Езеро), до 2265 м.н.в. на граничен столб Ф10. Помаркантни коти кои доминираат со релјефот се: Магаро-2254 м.н.в.; Лако Сигној-1984 м.н.в.; Гога-1737 м.н.в. и др.
-Врвот Магаро е едно од најинтересните и најпосетувани атракции. Во рамките на Националниот парк има воспоставено систем на патеки (пешачки и велосипедски) во вкупна должина од 202 километри, кои се соодветно обележани и безбедни за посетителите. Исто така, како атракција морам да го наведам Змиски Остров или Голем Град во Преспанското Езеро. Тој има елипсовидна форма со должина од 750 м, ширина од 450 м, со највисок дел 50 м над езерото. Островот Голем Град е исклучително значајно подрачје од НП Галичица поради постоењето на неколку еколошки феномени, вели Паскали.
Од растителниот свет јасно се издвојуваат две шумски заедници и тоа шумата на дива фоја и шумата на вебиевиот бадем и мазната коприква. Од животинскиот свет присутни се големиот корморан и кадрoглавиот пеликан. Карактеристична појава на островот е тоа што единките од змијата рибарка и скалестата гуштерица се многу покрупни во однос на единките од копнените популации, додека единките на поскокот се со џуџест раст.
На островот на релативно мала површина сконцентрирани се голем број културно-историски споменици. Освен сочуваната црква „Св. Петар“, средновековната црква „Св. Димитрија“ постои и ранохристијанска базилика, каде се откриени остатоци од поден мозаик.
Потоа следи Манастирскиот комплекс „Свети Наум“ кој е изграден на висок стрмен брег со прекрасен видик кон езерото. Источно од манастирот, во неговата непосредна близина, широко се разлеваат обилните извори на карстниот вруток. Импресивната глетка на бистрите и студени води кои се влеваат во Охридското Езеро, создаваат многу живописно место кое е богато со растителен и животински свет, со бројни реликтни и ендемични видови.
-Нашата веб страница и мобилните апликации за Андроид и iOS даваат доволна количина на информации за сите атракции со кои Галичица може да ги привлече туристите. Исто така, мобилните апликации овозможуваат и сигурност за посетителите кои ги користат патеките нудејќи им ГПС мапа со означување на нивната локација и со помош на техника на амплифицирана реалност полесно снајдување во просторот, наведува првиот човек на НП Галичица Паскали.
Галичица мека за странците со неповторлив поглед на двете езера
Галичица нуди единствена можност за истовремен поглед на двете езера и на процепот создаден во мекиот варовник, преку кој водите на Преспанското Езеро се влеваат во Охридското.
Подземна врска на Преспанското и Охридското Езеро е научно потврдена.
Паркот започнува над селото Трпејца, каде низ планината има асфалтирана патека со впечатливи планински кривини и свиоци кои водат до врвовите. Од една страна е погледот на зеленило и густа шума , а другиот поглед на езерското синило. Во планината царува тишината, спокојот… Превојот Баба, на надморска височина од 1.630 метри е највисоко место на кое минуваат автомобили.
-Странските туристи се повеќе се заинтересирани за така наречен активен туризам и активности на отворено. Тие повеќе сакаат да планинарат, да пешачат или да возат по патеките за планински велосипедизам. Можам слободно да кажам дека странските туристи се значително побројни на Галичица во споредба со домашните. Најчесто се од државите на соседството, Србија, Албанија, Бугарија, потоа Холандија, Полска, Израел. Турските туристи се посебно заинтересирани за посета на изворите на „Св. Наум“ и за пловидба со кајче по нив. Има туристи и од други држави но во значително помал број, наведува Паскали.
Јавната установа не поседува сопствени сместувачки капацитети за туристички или комерцијални цели
-Во рамките на информативниот центар во село Стење располагаме со мал сместувачки капацитет кој служи за сместување на тимови кои се занимаваат со мониторинг на биолошката разновидност и истражувања, но не се користат за комерцијално издавање. Но, на Галичица има други места кои може да бидат употребени од страна на туристите за краток престој, како на пример Планинската куќа Асан Ѓура која е сместена во централниот дел на НП Галичица на надморска височина од 1470 м, на локалитетот Шарбојца. До неа се стигнува од две страни и тоа од охридската страна преку селото Велестово по планински пат со должина од 18,6 км. А, од преспанската страна се стигнува по пат со вкупна должина од 9,1 км. Планинската куќа располага со 20 кревети во 4 комплетно опремени соби, мини ресторан и летна тераса. Во близина на куќата се наоѓа пештерата Самотска дупка, Симонческа локва, врвот Томорос и многу други вредности, набројува Паскали.
Иако има уште многу во што да се ужива на Галичица, но не заборавајте на прошетката со кајаци на изворите на Црн Дрим. Зошто извориштата кај манастирскиот комплекс „Св. Наум“ се неповторлива убавина…
Анета Блажевска