fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Нема живот од лозарството, станавме земја на комарџии!

Претседателот на кавадаречкото здружение на лозари се сели во странство

Во очи на гроздоберот лозарите во Тиквешијата се уште немаат добиено официјални ценовници од винарските визби и не знаат по која цена годинава ќе се откупува родот, посебно за најзастапените сорти смедеревка и вранец. Разочарани бараат одговори и прашуваат дали традиционално, секоја година дури откако ќе го оберат грозјето ќе бидат ставени пред свршен чин и ќе мора да го предадат по цени кои се понижувачки.

Околу состојбата со цените ,,Фокус” разговараше со Трајче Кулев, кој до неодамна стоеше на чело на Здружение Напредни лозари – Кавадарци, но како што информира, си дал оставка од функцијата претседател, а здружението моментално било во потрага по нов претседател.

-Немам никаква информација за цените. Се тргнав од се, не можев повеќе да се борам! Се уморив од оваа борба со ветерници, проблемите во лозарството се натрупани со децении наназад, не сакам да бидам вмешуван во некои партиски калкулации, во приказни кој бил на власт, кој бил одговорен и слично. Сите знаеме дека цените на грозјето секоја година ги диктира винарската визба Тиквеш. Тие излегуваат со нивни цени, а потоа и останатите винарии откупуваат грозје по тие цени. Тоа е поразително, да се даде таква моќ на поединци, на штета на лозарите. Лично јас, имав 25 декари лозје, кое сега веќе го оставив и не го работам. Со покачувањата на цените на нафта, препарати за заштита и се друго поврзано со лозарство, и со ланските цени на грозјето, мене од тие 25 декари лозје ми остануваат чисти околу 1.000 евра! И тие пари, како капак на се, треба да ги чекам, да ги добијам на рати. Да поедноставам, ако однесам една приколка грозје во визбата, и таа приколка вреди 30.000 денари, кога ќе се одбијат сите трошоци, мене ми остануваат 2.000 денари, кои ми се исплаќаат на рати! Жалам што морав да се откажам од лозарството, но ова е неиздржливо, гледам како еден по еден и останатите се откажуваат, посебно пак младите генерации кои не планираат да работат за џабе, и си заминуваат во странство – вели Кулев.

Појаснува дека тој веќе нашол работа во странство и се подготвувал семејно да се пресели во европска земја. Не ја крие разочараноста што мора да го напушти родното огниште, но раскажува дека сето тоа е резултат на негрижата на државата кон обичниот граѓанин.

-Кој е виновникот за оваа состојба, кога лозарите ги оставаат лозјата, кога млади луѓе семејно заминуваат во странство, не само на привремена работа, туку засекогаш, оти тука не можеле да имаат достоинствен живот? Според мене и спред моето искуство, државата е најголемиот виновник! Таа им даде одврзани раце на поединци, во случајов со лозарите и цените на грозјето, сите знаеме дека тоа е Тиквеш. Откупните цени треба да се знаат уште во февруари, да не се мачат лозарите напразно и да не започнуваат со работа на лозјата, ако не им одговараат цените. Вака, дури во очи на гроздоберот кога се кажуваат цени, тие се ставени пред свршен чин. Тоа е голем грев, постојано читаме фалби од големите винарии како направиле голем профит, како се успешни и вината им се признати во светот, па да прашам, каде е тука балансот? Без лозарите и нивното тешко одгледано грозје, ќе бидат ли винариите и нивните газди тоа што се сега – големци и бизнисмени? Тоа е еден круг, грозје, лозари, винарии, вино, не може оној од кој почнува целата работа на крај да биде понижуван и да не може да преживее од својот труд, а истовремено да читаме како газдите на винариите правеле огромни профити – вели Кулев.

Потенцира дека тој е скромен човек и никогаш не барал многу, но сакал трудот да му се цени и да му биде платен чесно. https://fokus.mk/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close