fbpx
ВестиСоветиТоп вести

Агротехника на компир

 

 Значење и карактеристики

Најважна примена на компирот е за исхрана на луѓето, добитокот и во индустриската преработка. Компирот спаѓа во групата на најинтензивни поледелски култури. Има високи репродуктивни способности со приноси од 25-50т/ха. Тоа е култура со големи барања во поглед на човечка работа и механизација и со големо вложување во репроматеријали (семе, ѓубриво, заштитни средства). Има висока прехрамбена вредност поради високата содржина на скроб, високовредни белковини, витамини и минерали.

Плодоред

Компирот бара да се одгледува во плодоред. Најдобри предкултури се: житни култури, легуминози, фуражни култури на ораници, треви. Лоши предкултури се: домат, модар патлиџан, тутун, пченка

Почвени и климатски услови

Компирот успева во умерено влажна клима. Приносот од кртоли, нивниот број и големината зависат од количината и распоредот на врнежите во текот на вегетацијата. На компирот му одговара температура која нема големи варирања во текот на вегетацијата, како и за време на зимското мирување на кртолите во складиштата.

При садење на компирот,минимална температура на почвата треба да биде 6-8°С. Стеблото со листовите измрзнува на -1 до -2°С. Оптимална температура за пораст на кртолите е 17-20°С. На повисоки температури формирањето на кртолите и приносите се смалуваат а на температура повисока од 30°С порастот на кртолите целосно престанува.

Најпогодни почви за компирот се лесните типови, пропусни, растресити, песочнохумусни, песочно-иловести со трошкаста структура, богата со минерални и органски материи, со поволен водно-воздушен режим. Не одговараат тешки, влажни почви со високо ниво на подземни води. Компирот поднесува кисела реакција на почвата а оптимална ПХ вредност е 5,4-6,5.

Обработка на почвата

Со навремена и квалитетна обработка на почвата треба да се создаде растресита ровка почва со добар водно-воздушен режим.Обработката на почвата започнува со летно-есенско заорување на остатоците од предкултурата на длабочина од 15 см со што се спречува развојот на плевелите и губењето на влажноста од почвата. Ѓубрење со шталско ѓубриво и внесување на ½ ПК ѓубрива се изведува пред есенско-зимското орање кое се изведува на длабочина 25-35 см. Пред пролетната обработка се внесува другата ½ од ПК ѓубривата и ½ азотни ѓубрива кои се внесуваат со тањирање а потоа се обработува со сеидбоспремач или рото-брана. Обработката мора да биде квалитетно извршена за да се овозможи брзо и навремено `ртење, развој на кореновата маса што е услов за изедначено никнување на кртолите.

 

Ѓубрење

Најточно, најрационално и најсигурно ѓубрење ќе се постигне само ако претходно се направи агрохемиска анализа на почвата. Најдобар резултат се постигнува со комбинирање на органски и минерални ѓубрива.

-Најзначајни органски ѓубрива се шталското ѓубриво, компостот и зеленото ѓубриво.

Овие ѓубрива ја снабдуваат почвата со потребните макро и микро елементи, делуваат поволно на структурата на почвата и содржината на хумус, способноста за задржување на влага, побрзо загревање на почвата. Препорачливи количини за шталско ѓубриво се 30-35т/ха.

-Ѓубрењето со минерални ѓубрива се заснова на исхрана на растенијата со трите важни елементи: азот, фосфор, калиум. Секоја сорта си има своја потреба за ѓубрење. Исто така, тоа зависи и од технолошката намена на компирот и дали станува збор за рана или доцна берба. Односот на НПК приближно изнесува 1:0,9:1,6

-За принос од 35т/ха ран компир со ѓубрење треба да се внеси 100-140 кг азот, 110-150 кг фосфор, 160-260 кг калиум. За принос од 35т/ха доцен компир со ѓубрењето треба да се внеси 140-200кг азот, 110-150 кг фосфор, 200-350 кг калиум.

Правило за ѓубрење:

За основно ѓубрење да се заораат формулации со повисока содржина на фосфор и калиум НПК (7:20:30), (10:20:30), (8:26:26), како и половина од азотните ѓубрива (уреа). Во почеток на порастот да се изврши прихрана со КАН. Тоа значи со основна обработка да се заора 850кг/ха НПК (7:20:30) и 100кг/ха уреа, а во почеток на растење 200кг/ха КАН.

Садење

Да се сади само здраво избрано семе кое може да биде не`ртено или `ртено. Со `ртење на кртолите се постигнува побрзо стасување за берба, порано затворање на склопот, се намалува влијанието на плевелите, се скратува вегетацијата и се зголемува приносот. Постапката на `ртење на кртолите се изведува 35-45 дена пред садењето во суви, чисти и осветлени простории со температура од 12-17°С и релативна влажност на воздухот од 90%.

Семенскиот компир се става во плитки сандаци во тенок слој 1-2 реда за да се активираат окцата и да дадат што поцврст никулец со должина од 1,2-2,5 см.

Просторијата треба повремено да се проветрува а кртолите и сандаците да се преместуваат и свртуваат за да активирањето на никулците биде што порамномерно. Количината на саден материјал по единица површина зависи од повеќе фактори и варира зависно од: густината на садење, тежината на кртолите, сортата, почвата, како и интензитетот на ѓубрење. Големина на кртоли во мм Растојание меѓу редови и во редот во см Тежина-количина кг 28-35 70х24 1500 35 70х38 1900 35-45 70х48 2900

Длабочината на садење зависи од припремата на ппочвата, типот на почвата, влажноста, времето на садење, големината на кртолите, а се движи 0-5 см од нивото на почвата + висината на хумката (нагрнатата земја). Садењето може да се изврши рачно, со полуавтоматски и автоматски компиросадачки , како и со специјални компиросадачки за из`ртени кртоли.

Вадење и чување на компирот

Крајна цел при вадење на компирите-кртолите е тоа да се направи најрационално, со што помалку оштетувања на кртолите, одвојување на земјата, камењата и растителните остатоци. Времето за берба е кога кртолите го завршуваат својот физиолошки развој со изумирање на надземните делови на растението. Покожицата на кртолите мора да биде цврста а тоа е еден од условите за добро чување на кртолите. Компирот може да се вади и пред физиолошката зрелост, а тоа зависи од економскиот учинок, односно цената на младиот компир. За подолго чување на компирот наменет за исхрана, идеалната температура во складиштата треба да биде 4-5°С, а релативната влажност на воздухот 92-95% со повремено проветрување. При чување компирот губи од тежината 7-10% од вкупната ускладиштена тежина заради зголеменото дишење, испарување, про`ртување, гниење и др.

 Слаѓана Калајџиеска Бебекоска АПРЗ РЕ Струга

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close