fbpx
ВестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести

Од љубопитност до бизнис

Крушево

Да се истрае и да се биде упорен е многу важно при водењето на еден бизнис. Захарина Христовска не помислуваше дека нејзината првична љубопитност ќе ја доведе до жена претприемач.

Одгледување аронија како можност за егзистенција

Некои ја нарекуваат сибирска боровинка, легендите велат дека ја користеле домородните племиња во Северна Америка, но факт е дека ова растение се одомаќинило и на нашиве простори. Плодовите на ова растение не само што се вкусни туку и здрави и многу барани. Овие две карактеристики биле пресудни Захарина Христовска од Крушево да почне да  одгледува аронија. Да се направи нешто повеќе за сопственото здравје било појдовен мотив, но  можноста нешто да се произведе и од него да се заработи, биле дополнителен мотив. Во време пак кога тешко се доаѓа до вработување, да се подобри семејниот буџет е одлична работа. На почетокот од љубопитност зошто се толку добри овие плодови, за потоа да премине и во бизнис во кој покрај свежа аронијата ја има и во преработена форма во вид на слатка, компоти, ракија и сл. Веќе осма година по ред во местото Трстеник крушевско опстојува плантажа со насад од аронија.

-Со одгледување на аронија се занимавам 7-8 години. Многу се пишуваше за ова растение и за неговите хранливи состојки и предностите што ги има за здравјето на луѓето. Од друга страна стануваше збор за растение доста отпорно на ниски температури и болести. Со моето семејство дознавме дека може да вирее и на повисока надморска височина. Одлучивме на земјата што ја имаме во с. Трстеник да подигнеме насади со аронија. На почетокот најмногу се информиравме на интернет бидејќи немаше доволно литература, но најмногу ми помогна мојот татко Илија, објаснува Захарина, која е носител на земјоделското стопанство.

Плантажата се наоѓа на 700м надморска висина и моментално има 300 садници. Не се тешки за одржување, бидејќи поднебјето е одлично и не бара некоја посебна заштита и прскање. Производот е чист и еколошки. Вели дека обемот на производство не е  многу голем, за сега има 700 -800 кг од сезона, но е задоволна. Дека се менуваат стереотипите за женското претприемништво доказ е успешното функционирање на плантажата.

-Од самите почетоци бев поддржувана. На моето опкружување не им беше чудно што жена е носител на земјоделско стопанство. Имам поддршка од целото семејство. Ја знаеја мојата идеја и што сакам да постигнам, така што не само што ме поддржуваа морално туку и директно беа вклучени во работата, особено во берењето. На почетокот беше планирано само производство на аронија и ја продавав свежа, но подоцна преминав и кон нејзино преработување во различни производи: слатко, компот, ракија и др. Свежата најмногу ја пласирам овде по роднини и пријатели, а преработената ја пласирам на учество на базари. Бидејќи сум член во Здружението на жени „Крушевска жена“ производите ги промовирам и продавам на заеднички настани. Мојот скептицизам кој го имав на почетокот го отфрлив токму со моето членување во ова здружение, додава Захарина.

Захарина вели дека почнала малку по малку и забележала дека нејзините производи се барани. Слаткото од аронија и ракијата со аронија  стануваат се повеќе барани. Се обидува секоја сезона да извади нов производ. Својата палета производи ја збогатила и со концентрати, сирупчиња со кои може да се помогне во лекувањето на одредени болести, како што е анемијата Захарина е задоволна од досегашната работа со аронијата и планира и понатаму да се занимава со тоа. Сака да ги охрабри сите жени да ги искористат своите вештини во своја полза и дека може да се искористат во зачувување на традицијата и културата и да дадат свој придонес во развојот на руралниот туризам и на економијата воопшто.

Содржините на оваа веб-страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија

 

Павлина Јовановска

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close