fbpx
ВестиСовети

Македонските ноеви барани на италијанскиот пазар

noj

Останува старата болка – немање кланица за финализирање преработки од ној

Италија е заинтересирана за увоз на македонски ноеви, но домашните фарми немаат капацитети да ги задоволат сите барања. Само годинава италијанските партнери на фармата од Зубовце, Гостиварско, побаруваат 300 ноја, а тие имаат можност за стотина. За идната година, пак, се најавува побарувачка од дури 3.000 ноја. Оваа гранка е една од најпрофитабилните и е во голем подем во земјава. Колку за споредба, на пример, една чанта од кожа од ној се продава за 5.000 долари, а кожена јакна за 15.000 долари. Едно јајце од ној се продава 50 евра, а мал ној од еден месец за 100 евра. Како што растат месеците на одгледување така се зголемува и цената: за секој месец плус 100 евра додадена вредност. Дека одгледувањето ноеви во Македонија е во пораст говори и бројката од 30 фарми кои досега се направени за одгледување ноеви. Меѓутоа, останува старата болка на фармерите со немањето кланица за финализирање преработки од ној. Испораката на живи ноеви ја намалува заработката на фармерите иако обработените производи чинат многу повеќе.

„Македонија нема правилник за колење месо од ноеви, но тоа го нема ниту Европа. Европските прописи бараат законски измени за поставување посебни линии за колење ноеви во веќе постојните кланици за крупен добиток или, пак, градење нови кланици кои би биле наменети за колење на овој вид живина. Поради олеснување на извозот на обработени ноеви, работиме на законски измени кои ќе го регулираат производството на преработка од ној, а засега во фаза на подготовка е и кланицата за ноеви во источна Македонија“, изјави министерот за земјоделство, Ацо Спасеноски, за време на работната посета и средба со земјоделците од селата Зубовце, Требиште и Могорче. Тој најави и државна поддршка за овој вид неконвенционално производство како облик на земјоделско-сточарско производство. „Со новите мерки за помош што ги предвидува Владата ќе се подредат и нетрадиционалните земјоделски производи и органското производство меѓу кои и одгледување ноеви како гранка која е во подем и може да донесе економски просперитет за лицата кои се занимаваат со овој вид фармерство“, додаде Спасеноски.

„Моментно единствен проблем е организирањето на колењето на ноевите, бидејќи извозот на живи животни ја намалува крајната цена на производот. Недостигот од кланица не’ принудува ноевите да ги извезуваме живи или, пак, да ги чуваме за добивање јајца, а потоа некои ги пласираме на домашниот пазар, некои ги извезуваме, а најголем дел од јајцата ги користиме за зголемување на јатата“, изјави Мануел Јаковлевски, сопственик на фарма за ноеви во Зубовце. „Со отворање кланица за ноеви, профитабилноста од одгледување ноеви ќе се зголеми и практично профитот ќе остане во земјава наместо да ги извезуваме живите ноеви по пониски цени. Штетата од извозот на живи ноеви е поголема не само од тоа што не се пласира обработено месо, туку и од тоа што кожата не се планира како финален производ. Впрочем, и сите други делови од нојот можат да се користат за извоз, што значи комплетно целиот производ“, вели Јаковлевски.

 

МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА ПРОФИТИРА ОД НОЈАРСТВОТО

Од месо до накит од ноеви

Во Македонија во моментов има околу 1.000 ноеви, кои се одгледуваат на 56 фарми. Фармерите убедуваат дека ако државата го поддржи нојарството, ќе има профит и за неа и за нив, оти од оваа птица може да се искористи буквално се, па дури и цреват

Со својата тежина од 150 килограми и висина од два метра, најголемата копнена птица на светот – нојот никогаш се нема вивнато во небесните височини. Крилјата му служат само за додворување на женката, за одбрана на својата територија и за одржување рамнотежа кога трча со брзина дури и од 70 километри на час. Ако е исплашен, панично бега, во случај на опасност ја пика главата во песок, кога му е здодевно, може да колва на дрвената ограда и до 4.000 пати на ден, а кога е вљубен, го игра најубавиот танц кревајќи ги крилјата високо и покажувајќи ги своите преубави пердуви, кои во 18 век богатите дами ги ставале како украс на своите шапки. Токму тогаш, заради модата, му се заканувала опасност да биде целосно истребен. Еден век подоцна фармерите во јужна Африка сфатиле дека можат да го припитомат, а многу години подоцна успеале од неговите мазни мускули да го произведат најпознатиот специјалитет – сушеното солено месо.
Ноевите живеат од 60 до 70 години, а постигнуваат полова зрелост две-три години по раѓањето, кога се формираат семејствата од еден мажјак и две-три женки. Женките се полово активни 40 години и имаат неверојатна можност да си ги препознаат сопствените јајца дури и кога се измешани со други, а годишно можат да снесат околу 60 јајца, кои тежат до два килограма и имаат пречник од 15 сантиметри. Птицата лесно се приспособува на новата средина, што се потврди и во Македонија. Пред пет години, Петар Јованов донесе 20 тримесечни ноеви од Израел на својата фарма во Демир Капија. Тие издржаа значително ниски температури под нулата, а добро се чувствуваат и на летните горештини.
“Денес во Македонија има околу 1.000 птици, кои се одгледуваат на 56 фарми”, вели Јованов, кој е претседател на Здружението на одгледувачи на ноеви. Тој тврди дека ако ги поддржи Владата, почетната инвестиција од 10.000 евра за подигање фарма за кратко време ќе прерасне во доходен бизнис од кој ќе имаат финансиска корист не само фармерите туку и целата држава. Тие веќе започнале со производство на инкубатори за испилување на ноевите јајца, кои се три пати поевтини од увозните, каде што се чуваат јајцата 39 дена. “По само 14 до 20 дена, со посебни ламби ги откриваме неоплодените јајца и ги отстрануваме од инкубаторот”, вели Петар. Обично неплодни јајца се добиваат на почетокот и на крајот од сезоната на парење. Но, бидејќи јајцата се чувани две недели на висока температура, тие веќе не можат да се користат ни за исхрана, па честопати се прават различни уметнички предмети од нив како ламби, пехари, часовници. Мане Јаковлевски, сопственик на фармата “Штраус” во Гостивар, веќе ангажирал уметник од своето родно село Зубовце, кој ги украсува ноевите јајца со разни верски симболи, икони и шари, па во соседна Грција достигнуваат цена од 50 до 100 евра. Од скршените делови од лушпата во многу земји се изработуваат брошови, обетки и друг накит, а во Африка луѓето се уште ги користат како садови за пијалак.
Ноевите консумираат три пати повеќе вода одошто храна. Имаат мали рецептори за вкус, па храната ја одбираат по изгледот, но најмногу јадат луцерка, пченка или концентрат. Пресметките на фармерите се дека со еден хектар луцерка можат да се прехранат десет ноеви, па годишно за нивно одгледување се потребни од 150 до 200 евра. Затоа, пак, секое семејство ноеви во текот на една година може да даде до 100 пилиња. Од возрасните ноеви со тежина од 150 килограми се добиваат 35 килограми чисто месо, но во Македонија се уште ниту една фарма ги нема добиено сертификатите за колење и за преработка на ноевото месо. Има заинтересирани, велат производителите на ноеви, кои се надеваат дека во бизнисот ќе се вклучат и фирми од останатите индустриски гранки, кои ќе го најдат својот профит во преработките од нојот.
Инаку, во моментот птиците можат да се извезуваат само живи и има интерес за откуп од соседна Бугарија, Хрватска и од Италија, но откупната цена за килограм месо жива мера е берзанска и минатата година изнесувала 3,5 евра.
“Тоа е далеку понеисплатливо, бидејќи кајмакот го собира некој друг”, вели гостиварецот Мане Јаковлевски. “Наша цел е ноевите да останат тука, месото да се сортира и да се преработува во разни сувомесни производи, а од кожата да почнат да се изработуваат квалитетни производи, кои во странство се продаваат по многу високи цени. Ако се знае дека само еден паричник од ноева кожа денес се продава за 1.200 евра, тогаш крајно време е и Владата сериозно да го поддржи нојарството. За почеток треба да ги легализира фармите во Македонија и да ги донесе сите правилници за начинот на одгледување на овие птици и за чувањето и преработката на нивните производи”, велат фармерите. Напоредно со тоа, веднаш треба да почне формирањето на репроцентрите во Македонија, кои ќе се занимаваат исклучиво со производство на еднодневни пилиња. Ако се има предвид и фактот дека секоја година на светско ниво се произведуваат околу 150 милиони птици, а тоа не е доволно да се намират потребите и побарувањата, тогаш Македонија треба само да ги искористи сите предуслови и да развие добар бизнис од нојарството.

Зорица Атанасова

***

Откриен пред 7.500 години

Нојот е единствената птица која има само два прста и опасен шут што може да убие, но никогаш нема да ве нападне доколку не го предизвикате. Цртежот пронајден пред 7.500 години на карпите во Сахара на кој е прикажан како лови леопард, е првиот документ за постоењето на овие птици, кои со своите очи големи колку детски мозок и четири пати потешки од човечките гледаат јасно на далечина и до три километри. Гласот што го испуштаат мажјаците потсетува на рикање на лав. Тогаш неговиот врат, долг до половина метар, се задебелува и надувува, а оние што пробале, тврдат дека од него излегува највкусната чорба.

***

Само крокодилската кожа поквалитетна

Од вкупниот приход од производите од нојот, 7,5% отпаѓа на пердувите, 16,5% на месото, а најмногу, дури 76% на кожата. Просечно, од ноевите заклани со старост од 14 месеци и со тежина од најмалку 75 килограми се добива кожа со минимална површина од околу еден квадратен метар, чија пазарна цена изнесува 250 евра.
Само крокодилите и слоновите имаат кожа чиј квалитет може да се спореди со ноевата, која се смета дека е една од најлуксузните. Содржи маснотии, па токму поради тоа е отпорна на сушење и на кршење. Не е многу дебела, но е многу издржлива, трајна и исклучително мека, па се користи за изработка на ракавици, каиши, паричници, торби, јакни, обувки, а во последно време и за навлаки за автомобили и седечки гарнитури. На нејзините уникатни шари не им одолеале ниту модните креатори, па во последно време и Гучи и Кристијан Диор користат ноева кожа во своите креации.

Од нојот се користи се, освен цревата, за кои се уште не е со сигурност потврдено дека наоѓаат примена во медицинската пластика. Од природните нокти и од трепките се изработуваат вештачки, а лојот од нојот наоѓа голема примена во фармацијата и во козметиката, бидејќи од него се произведува висококвалитетен крем за лице. Нозете од нојот се користат во индустријата за изработка на мебел.

 

 

Главен дел на месото од ној е од бутот. Ова е и најголемиот дел од месото на нојот кој може да се употреби и да се спореди со висококвалитетен говедски бифтек, и спрема тоа, да се припрема во повеќе варијанти. Со оглед на тоа што има малку маснотии и холестерол, месото од ној можи да се спрема како диетална храна. Ноевото месо можи да се спрема како печено или варено. Се препорачува ноевото месо са де печи на висока температура. Освен тоа месото немора да биди долго печено, што значи можи да се јади и малку крваво. При печењето, месото не треба да се боди како не би излегол сокот.
Јајца од ној

Ноевите јајца имаат ист вкус како и јајцата од кокошки, па спрема тоа се припремаат на ист начин. Ако сакате да го сочувате цело, лушпата од јајцето се буши со бургија, шрафцигер или со мал чекан, се прави мал отвор и се цеди јајцето.

Дневна доза храна за ноеви

Возраст Старост во месеци Просечна тежина   (во кг) Просечно дневно земање на сува храна (во кг)
Пилиња
0 – 1

1 – 2,5

0,75 – 3

3 – 15

0,12

0,36

Млади од

2,5-14 месеци

2,5 – 6

6 – 11

11 – 14

15 – 60

60 – 80

80 – 100

1,5

2,5

2,2

Возрасни сезона на носење > 14

> 24

100 – 120

110 – 120

2,3

2,5

Рецепти за храна од 1 месец до крај

1 до 3 месеци 3 до 6 месеци 6-носење носилки
Пченка 30 35 30 28
Јачмен 15 23 25 15
Пченица 24 15 20 18
Овес 4 6 9 14
Трици 6 6 5 5
Сончоглед 7 5 4 6
Соја 10 6 3 5
Дикалциумфосф. 1.5 1.5 1.5 0.5
Креда 1 1 1 7
Сол 1 1 1 0.5
Витамини 0.5 0.5 0.5 1

рецептури за 100 кг храна
сооднос 60:40 (концентрат : луцерка сува)

 

 

Најнови сознанија за ноеви

КОМПЛЕТЕН РЕЦЕПТ ЗА НОЕВИ

Суровина 0-3мес 3-6мес 6м-пренес. Несилки
сезона
Несилки
пауза
Пченка 30 32 27 28 30
18 13 18 15 14
Луцерка ( сува)) 15 20 20 20 25
Соја 16 12 10 15 8
Трици 5 9 8 5 11
Сончоглед 8 7 10 5 5
Раст, Масло 1.5 1 1 1.5 1
Дикалциум фосфат  1.5 1.5 1.5 1.5  

1.5

Креда 2.5 2 2.5 6 2
Сол 0.3 0.3 0.3 0.3 0.3
Витамини 2.5 2 2 2.5 2
Лизин 0.5 0.5 0.5 0.75 0.5
Метионин 0.1 0.1 0.1 0.15 0.1

За сите останати консултации во понататамошното одгледување и работење ви стоиме на располагање.

Фарма

Во првата фарма за ноеви во Полог пристигнаа четири семејства со по три ноја и 20 пилиња. Ноевите во фармата во гостиварското село Зубовце предизвикаа љубопитност кај жителите од потшарпланинските села и од Гостивар, кои се заинтересираа за овој вид фармерство. Сопственикот на фармата, Мане Јаковлески, повратник од Германија, за два месеца ги изградил сите објекти на површина од речиси половина хектар.

Првата фарма за ноеви има четири дрвени куќички, ѕидан објект во кој се наоѓа инкубатор, просторија за постинкубаторски третман на ноевите, простор за престој на стотина ноја стари до два месеца и други придружни објекти.

– Желбата ми се оствари. Отсекогаш сум мечтаел да се занимавам со фармерство. Пред дваесетина години ми пропадна идејата да направам фарма за одгледување овци за да ја продолжам семејната традиција. Но и со фармата за ноеви сум задоволен. Нивите што ги наследив од татко ми ќе ги обработувам и ќе обезбедувам храна за ноевите – со задоволство ни зборуваше Јаковлески.

Фармата има површина од близу 4.000 квадратни метри. Во неа ќе работат десетина лица, кои ќе се грижат за исхраната и за одгледувањето на ноевите.

– По 15 месеци ќе биде направена селекција и ќе бидат формирани првите семејства со ноеви, кои ќе носат јајца. Другите ноеви ќе се гојат за производство на месо – вели новопечениот фармер.

Мане Јаковлески многу години работел како угостител во Берлин и откако како наследство добил имот во родното село, решил да инвестира.

Првите резултати од фармата ги очекува в година, кога планира да почне да продава пилиња, месо и кожа, кои се особено привлечни на пазарот.
Ноевите последниве години стануваат интересни за одгледување бидејќи нивното месо, пердуви и кожа се барани на пазарот во странство.
Фармата треба да биде основа за производство на преработки од месо и конзервирани производи.

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close