Тече бербата на јаболка, овоштарите од Преспа се надеваат дека нема да имаат проблеми со пласманот
Преспа го има најдоброто и најквалитетно јаболко. Од оваа производна сезона овоштарите се задоволни од родот и неговиот квалитет , очекуваат добар дел да оди за извоз, но доволно снабден со екстра квалитетно јаболко ќе биде и домашниот пазар.
Овоштарите се задоволни од оваа производна сезона. Јаболката имаат одличен квалитет и се надеваат дека нема да имаат проблем со пласманот. Според претседателот на овоштарите во Преспа, Љубе Пампулевски, 15% од родот е со екстра квалитет, 75% е прва класа, а само 10% е втора класа. До крајот на бербената сезона се очекува да се соберат од 100 000 – 120 000 тони род.
Паралелно тече и откупот кој се одвива добро. Цените се движат од 14 до 18 ден по килограм во зависност од квалитетот на јаболката.
-Дел од сортите Ајдарет и Златен делишес се складираат во ладилниците, по цена од 14 до 15 ден/кг, а оние што одат директно на продажба се даваат од 14 – 18 ден/кг за што одлучува квалитетот, вели Пампулевски.
Тој потсети дека ланското невреме се одразило на родот, но се надева дека оваа сезона нема да имаат проблем за пласманот, затоа што и во другите земји, големи производители, исто така родот е намален.
– Невремето што во месец јули минатата година зафати дел од Преспа го намали родот за околу 40 000 – 50 000 тони. Со невреме беа зафатени и други балкански држави, производители на јаболка кои бележат за 30-40% помалку род, што значи дека оваа година не би требало да има проблем за пласманот на нашите јаболка. Не би требало да се случи јаболката да останат не продадени. Моментално цената се 14 ден/кг и очекуваме оваа цена да расте. Очекуваме добар дел да оди на странските пазари, но важно е дека и домашниот пазар ќе биде снабден со екстра квалитетно јаболко од сите сорти и количини по пристојна цена, изјави за Зелена берза Љубе Пампулевски.
Преспа го има најдоброто и најквалитетно јаболко. Од годинешниот род се очекува Од 10 000 – 15 000 тони јаболка да бидат сместени во ладилници за следната продажна сезона кога се очекува и повисока цена, велат овоштарите.
– Годината е добра. Јаболката се поквалитетни, имаат доволно шеќерни единици и убава боја. Очекувам род од 80 -90 т од хектар. Моментално има побарувачка на јаболка, планирам дел да ги продадам, а дел да ги чувам во мојот ладилник, вели Аднан Феим еден од поголемите производители од с. Лавци, Ресен. Одгледувам повеќе сорти меѓу кои Муцо, Црвен делишес и Ајдаред. Очекувам и добар пласман, само да не се затворат границите заради пандемијата, додава Феим.
Заради ова голем дел од производителите стравуваа дека родот ќе остане на нивите, беа загрижени дека нема да може да обезбедат берачи, но до тоа не дојде. Скоро секоја година потребни се неколку илјади сезонски работници, а голем дел од нив доаѓаат од соседна Албанија. Додека некои производители ги складираат јаболката во ладилници, голем дел од конзумното јаболко го нудат по социјалните мрежи.
Македонските јаболка најмногу се извезуваат во Русија
Најголема количина на јаболка е извезена во Русија, односно 30% од вкупниот извоз, во Бугарија 20%, потоа следат Романија, Косово, Босна и Херцеговина, Грција, Србија, Црна Гора, Хрватска, информираат од Министерството за земјоделство.
Во 2020 година како нови пазари, со помали извезени количини на јаболка, се јавуваат Норвешка, Либија, Латвија, Италија, Унгарија и Обединети Арапски Емирати.
Државата секогаш се грижи за пласманот на сите земјоделски производи. Република Северна Македонија има склучено договор за слободна трговија со земјите членки на ЦЕФТА (Албанија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Молдавија), во кои земји јаболката се извезуваат без царина. Исто така јаболката се извезуваат без царина и во земјите членки на Европската унија, согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација, а со Република Турција, согласно Договорот за слободна трговија е договорена квота од 350 тони со 0% царинска стапка, велат од министерството.
Согласно последните расположливи податоци од Државниот завод за статистика, од 01 јануари 2020, заклучно со 31 август 2020 година, споредено со истиот период во 2019 година, количината на извезените јаболка е намалена за 36%, односно од 56.873 тони во 2019 година на 35.909 тони во 2020 година. Ова се должи и на намаленото производство во реколтата 2019 година.
Просечната извозна цена во 2020 година, споредена со просечната извозна цена во 2019 година е зголемена повеќе од 100%, односно од 190 €/тон во 2019 на 390 €/тон во 2020 година, па така вредноста на извозот и покрај намалениот количински извоз е зголемена за 30%, односно од 10,6 милиони € во 2019 на 13,8 милиони € во 2020 година.
Павлина Јовановска