Тетовските реки загадени, рибарите загрижени
Порибувањето се изврши во близина на Брвеница, но и кај мостот на Пена кај Шарена Џамија. Но местата за порибување не беа избрани едноставно. Се бараше еколошка точка од овие водни површини за порибување.
После подолг период реките Пена и Вардар во Тетовско беа порибени.
Порибувањето го изврши риболовното друштво „Риболовец“ од Брвеница, кој е концесионер на реката Пена, но и на Вардар во тетовското подрачје.
Порибувањето се изврши во близина на Брвеница, но и кај мостот на Пена кај Шарена Џамија. Но местата за порибување не беа избрани едноставно. Се бараше еколошка точка од овие водни површини за порибување.
-Еве гледате каде порибуваме, во вода каде има натрупано многу смет. Тука е загадено, а можеме да кажеме ова место е едно од најчистите места. Може да замислите каква е состојбата во другите делови од оваа река. Имаме голем проблем со сметот, кој се истура во овие реки. Треба инспекциите повеќе да излегуваат на терен и да контролираат. Ние одиме контролираме, но немаме право да казнуваме. Затоа ги замолуваме инспекторите повеќе да излегуваат на терен за да ги заштитиме реките и во нив да опстанува живиот свет, рече Стојанче Анѓелковски, претседател на риболовното друштво Риболовец.
Речната пастрмка бара чиста вода и се доведува во прашање нејзиниот опстанок како и на останатиот жив свет, ако продолжиме да порибуваме во вакви нечисти реки констатираа од риболовното друштво Риболовец.
-Пастрмката бара чиста вида. Некогаш овие реки беа чисти, но сега се загадени и се испушта во нив се’ и сешто. Овие реки подолго време беа запуштени, имаше концесионер, но немаме информации дека тој порибувал. Сега наша обврска е еднаш до два пати во годината да порибуваме и да се грижиме за рибниот фонд во реките за да го размножуваме, но без помош и поддршка од државата не правиме ништо. Ние колку толку контролираме, сега сме во план да купиме и дронови да видиме се што се случува во речните корита. Можеби тоа ќе ни послужи како доказ, во случај да се поведе некоја постапка против лицата кои ги загадуваат реките и нормално ако вршат криволовство, истакнаа од риболовното друштво „Риболовец“ од Брвеница.
Од Инспекторатот за животна средина при Општина Тетово признаваат дека реките многу се загадуваат, но и покрај ваквата состојба никој не е казнет. Од инспекторатот со свои објаснување за неказнивост за загадувањето на овие реки.
-Ние тука седиме на терен каде што е порибувањето и гледате никој не доаѓа да фрла смет, а кога ќе заминеме некој ќе дојде и ќе фрли отпад, не можеме толку да контролираме имаме и други работи, рече Томислав Јоргушевски од Инспекторатот за животна средина при Општина Тетово.
Но, дали инспекторите и нивната зачестена контрола би го решиле проблемот и би го покриле цел терен.
-Бадијала е и тоа колку инспектори да има бадијала е, се е до свеста на населението, мора да се поработи на свеста на населението, да сфати дека не треба да се загадуваат реките дека тие се од сите нас, истакна Јоргушевски.
Пена е река со богат кислород. Во нејзиниот горен тек припаѓа во прва категорија, но на излезот од градот поради нејзиното загадување е веќе во трета или четврта категорија. Слична е состојбата со реката Вардар, каде пред Општина Брвеница е во втора, а на излез од Општина Јегуновце е во четврта категорија.
Зоран Димовски