Членовите на Здружението „Напредни лозари“ од Кавадарци најавија мирен протест за в недела 27 јануари со почеток од 11 часот, на плоштадот во Кавадарци. Како што не информираа од здружението, одлуката за овој протест ја донесоа синоќа по одржаната средба со министерот за земјоделство Љупчо Николовски и претставници од винарската визба „Повардарие“, „Стефанс винарија“ како и градоначалниците и пратениците од тиквешкиот регион. Како што велат до сега се одржани повеќе состаноци но проблемот не е решен.
Министерот Николовски посочи дека се бараат начини да се реши овој проблем на лозарите и упати апел до винариите дека имаат законска обврска да им го платат на лозарите предаденото грозје.
„За овие два случаи „Повардарие“ и „Стефани“ внимателно ги разгледавме сите можни сценарија, како и на кој начин треба да им се помогне за лозарите. Последен пат апелирам до овие два субјекти кои што откупиле грозје од лозарите а истото не го платиле, дека имаат законска обврска да го исплатат долгото кон лозарите. Навистина помина долго време. Иако долгот на „Повардарие“ лани беше над 3,5 милиони евра, денеска е околу 800 илјади евра, од кој што за дел се склучени соодветни договори за компензација со заштитни средства, сепак нашата порака е јасна, долгот целосно мора да биде исплатен во најкус можен рок. Во случајот со винарската визба „Стефани“,во тек е процес на отворена стечајна постапка, и затоа денеска разговаравме и со стечајниот управник, со директори на банки и адвокати. Паралелно МЗШВ ги разгледува сите можности од правен аспект како и на кој начин државата може да помогне и да интервенира да овие две прашања бидат затворени. Јас ќе бидам среќен „Повардарие“ и „Стефани“ никогаш да не се повторат и затоа заеднички ќе иницираме и соодветни законски измени за да лозарите бидат заштитени. За мене е неприфатливо да се предаде грозје кое што нема да се плати истото да се стави во залог, а имаме такви случаи да грозјето кое е откупено е продадено а лозарите не добиле пари“,порача министерот Николовски.
Лозарите бараат парите да им бидат исплатени во најкус можен рок.
„Само ветувања, а досега не гледаме никакви резултати. Три години чекаме по легален пат , но нема резултат, вели Зоран Пешков, лозар од Кавадарци.
Лозарите велат декам доколку нема ништо до 10 февруари ќе ги блокираат патиштата што водат кон Кавадарци.
П.Ј.