fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Минимална плата од 18 илјади денари, ССМ бара веднаш, Владата повикува на дијалог

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски вели дека доколку во среда не бидат исполнети нивните барања, ќе организираат штрајк, а не се исклучени и други можности како протест, блокирање на улици…

Во среда е закажан Економско-социјалниот совет на кој ќе се одлучува за барањата на синдикатот за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и спирално зголемување на сите останти плати и за враќање на правото за регрес на годишен одмор за сите вработени во јавниот сектор. Од Сојузот на синдикати се закануваат со штрајк доколку не се исполнат нивните барања, бизнисот предупредува дека тоа може да доведе до затворање на фирми и отпуштање работници, а од Владата порачуваа дека одлуката треба да се донесе низ економско-социјален дијалог со сите засегнати страни.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски вели дека доколку во среда не бидат исполнети нивните барања, ќе организираат штрајк, а не се исклучени и други можности како протест, блокирање на улици…

„Како Сојуз на синдикати на Македонија не го прифаќаме зборот „ќе“, туку „кога“ и „колку“. Затоа сум малку револтиран од односот на нашите социјални парнери. Во среда продолжува битката за работничките права. Единствената цел е егистенцијата на работникот во оваа економска, ковид и енергетска криза“, рече Димовски по денешната средба во Владата.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека ќе има зголемување на минималната плата, но тоа треба да се направи низ економско-социјален дијалог со сите засегнати страни и во консултација и со синдикатите и работодавачите.

„Веќе денеска на оваа тема има средби на претставници на Министерството за труд и социјална политика и други ресорни министерства заедно со вицеоремиерот за економски прашања со претставници на синдикатите. Тоа е прашање кое се решава низ економско-социјалниот дијалог. Минималната плата и нејзиното покакување од првичните 9.000 денари колку што беше претходно, на 15 илјади денари колку што е сега, беше направено од СДСМ и Владата предводена од СДСМ. Така што и заложбата за зголемување на минималната плата на повисоко ниво е исто така заложба на оваа Влада“, изјави Ковачевски во одговор на новинарско прашање.

Тој додаде дека како и при првичното покачување, така и сега треба да се имаат предвид и ставовите и на синдикатите, но и работодавачите и на стопанските комори, бидејќи, како што нагласи, тоа е дел од еден економски систем.

„Штом ќе се направи таа методологија нормално заедно со сите засегнати и низ економско-социјалниот дијалог тогаш ќе го имаме финалното решение кое ќе биде презентирано пред сите, пред граѓаните и пред работниците“, рече премиерот кој денеска изврши увид во реконструкцијата на училиште во Прилеп, потсетувајќи дека низ ваков дијалог се дошло и до решение за недела неработен ден. 

Во оваа насока е и изјавата на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.  „Минималната плата ќе продолжи да расте и системското решение ќе дојде преку дијалог со сите засегнати страни, а решението кое би било предложено секако подразбира одржливост на подолг рок за пораст на минималната плата во согласност со порастот на трошоците на живот и растот на просечните плати“, изјави Битиќи на средбата во Владата со претставници на ССМ, а на која присуствуваа и министерката за труд и социјални прашања, Јована Тренчевска, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и советникот на претседателот на Владата Милан Живковиќ.

Битиќи, нагласи дека Владата ќе остане конструктивен социјален партнер, кој ќе охрабрува дебата и дискусија за сите важни прашања во општеството, како што е несомнено висината на минималната плата и притоа најави дека веќе во среда, на 2-ри февруари од 15:00 часот, е закажана седница на економско-социјалниот совет на која ќе продолжи дискусијата помеѓу сите три засегнати социјални страни на која главна точка на дневниот ред ќе биде токму висината на минималната плата.

Синдикатот подолго време бара зголемување на минималната плата на 18.000 денари и спирално зголемување на сите останати плати. Како аргументи ги посочува зголемувањето на трошоците за живот и фактот што за синдикалната минимална кошничка се малку две минимални плати. Минатата недела беше презентирана и анализа од тројца професори која потврдува дека зголемувањето на минималната плата не влијае негативно на фирмите, туку ја зголемува мотивираноста на вработените, а со тоа се влијае и врз продуктивноста.

Инаку, минималната плата во 13 од 21 земја-членка на ЕУ, што ја имаат законски пропишано, во јануари годинава изнесуваше помалку од илјада евра, во две нешто повеќе од илјада евра, во шест била над 1.500 евра, а разликата помеѓу најниската и највисоката минимална плата е повеќе од седум пати. Според Еввростат најниска минимална плата имаат Бугарите од 332 евра, а во Луксембург е највисока – 2.257 евра. Во Хрватска минималната плата е 624 евра.https://nezavisen.mk/kako-do-minimalna-plata-od-18-iljadi-denari-ssm-bara-vednash-vladata-povikuva-na-dijalog/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close